Двојните аршини на Османи: Ако за двојазичноста беше инспектор, за короната го нема никаде
Во службено возило експресно на терен, вака вицепремиерот Бујар Османи излета во обиколка да проверува дали и кои институции ставиле двојазични табли. Но како вицепремиер на сите граѓани зошто не ја повтори акцијата и да направи обиколка меѓу граѓаните да види дали се почитува полицискиот час, пренесѕва ТЕЛЕВИЗИЈА АЛФА.
Забраната за движење не се почитуваше на сите места, некаде гледаа празни улици но на други места се чекаше ред за пазарење пред продавниците, деца се возеа со велосипеди, луѓе се шетаа слободно….
Ако јавната функција подразбира одговорност каква што пред 9 месеци презема Османи контролирајќи како се имплементира законот за двојазичност зарем во оваа кризна состојба не е повеќе од потребна слична одговорност? Османи до овие вести не одговори зошто не излезе на терен овој викенд.
А ниту градоначалничката на Тетово, Арифи не излегла на терен за време на полицискиот час да види каква е состојбата, тоа го правда со новите правила на работа, односно држењето дистанца…
Инаку колку за потсетување Османи заедно со директорот на Агенцијата за спроведување на Законот за јазиците, Илбер Села во септември одеа по министерствата и државните институции, па дури и се јавуваа по дирекотрите на истите да прашуваат каде се таблите на кои името на установата е напишано на албански јазик.
„Бујар Османи е на телефон, како сте директоре? Сакав да те прашам, тука сум пред институцијата, гледам дека таблата е еднојазична. Каков е планот за менување? Вчера требало да ја добиете, имало грешка во буквите. Подобро е што сте ја вратиле, за да нема грешка, тоа е полошо. Комуницирате со Агенцијата за јазици? Е така. За да ви помогне во дефинирање. Добро. Готово“, му вели Османи на директорот на Агенцијата за администрација.
Зошто Османи сега не ја зема своеволно улогата на инспектор по улиците за полицискиот час, туку тоа го направи само за да ја провери двојазичноста? Нели политиката не е поважна од здравјето на граѓаните?
МЕРИ ЃОРЃИЕВСКА ЗА ТЕЛЕВИЗИЈА АЛФА