Нова голема ескалација: Се судрија индиската и пакистанската армија, неколку војници убиени (ВИДЕО)
Во големата размена на оган на индиско-пакистанската граница, убиени се по неколку војници на двете страни.
Во текот на вчерашниот ден дојде до голема размена на оган на границата помеѓу Индија и Пакистан – според последните информации, убиени се најмалку шест лица.
Пакистанската армија соопшти дека нивните сили нападнале индиски воен пункт и притоа убиле тројца индиски војници.
Според тамошните медиуми, индиската армија возвратила и биле убиени најмалку двајца пакистански војници. Од индиската армија исто така соопштија дека во размена на огнот бил убиен еден индиски цивил.
Да потсетиме, артилериската размена на оган помеѓу Индија и Пакистан трае повеќе од една седмица, а тоа и не е така невообичаено со оглед на тоа што двете земји меѓусебно се обвинуваат за кршење на примирјето од 2003-та година.
Вкупната бројка на такви прекршувања на примирјето оваа година достигнува над 3 илјади, а минатата седмица исто така во размена на оган беа повредени повеќе цивили.
Тензиите помеѓу двете нуклеарни сили ескалираа во февруари оваа година кога најмалку 40 индиски војници беа убиени во терористички самоубиствен напад на радикален исламист на просторот на Кашмир. Пакистанска терористичка група ја презеде одговорноста за нападот, по што ситуацијата дојде на работ на многу поопасна ескалација.
Индија на тоа одговори со укинување на специјалниот статус за Кашмир, ставајќи го овој „проблематичен“ регион под директна управа на Њу Делхи.