Македонија

„Законот за јазици е само чекор кон федерализација на државата“

Овој закон нема никаква врска со унапредувањето на човековите или јазичните права на Албанците во Македонија. Овој закон е step stone кон федерализација на државата, и тоа на секој што не страда од слепило предизвикано од политичка коректност, му е јасно, пишува Јанаки Митровски за Фокус.мк.

Во Македонија свикнавме работите да се чинат обратно. Наместо во затвор каде што му е местото, Груевски мудрува од Пешта. Наместо разрешени, тефтер-судиите глумат увредени. Премиерот наместо да иницира разрешување на токму тефтер судиите, ја замајува јавноста пред избори со ветинг. Така е и со Законот за јазиците. Наместо пред истиот да се изгласа да се прати до Венецијанската комисија, тоа се чини post festum. И види чудо, Венецијанската комисија да не ти била наш државен орган наполнет со партиски кадри, на какви што свикнал Бујар Османи, па нашле серија забелешки на веќе изгласаното законско решение.

Но, за почеток малку историја. Сите се сеќаваме како премиерот Заев, во улога на тогашен лидер на опозицијата, се колнеше дека нема да има двојазичност на целата територија. Се спомнуваа жички, божји заклетви и преданија, ген и што ти ја знам. Не се испушти и да се обвини ДПМНЕ дека ја фабрикува приказната со двојазичноста и дека сѐ е во „главите на вмровците“. Иако ДПМНЕ имаше успешна предизборна кампања на оваа тема, кај слободномислечките граѓани преовлада мислењето дека се работи за валкан спин, особено имајќи ги предвид околностите.

ДВОЈАЗИЧНА ДРЖАВА

Година и пол подоцна, од главите на вмровците ова стана реалност. Во меѓувреме, жичката на премиерот се скина, генот исчезна, а Бог како да се покаја што го црпна Заев од Муртино ѝ ни го насади на Илинденска без број. На подмолен начин, без никаков општествен или политички консензус, фаворизирајќи исклучиво една етничка заедница беше донесен Законот за јазиците, кој de facto и jure ја направија Македонија двојазична држава.

Овој закон нема никаква врска со унапредување на човековите или јазичните права на Албанците во Македонија. Овој закон е step stone кон федерализација на државата, и тоа на секој што не страда од слепило предизвикано од политичка коректност, му е јасно. Каква е реалната потреба катастарско одделение Берово да издава документи на албански јазик? Кој има нужда решенијата на Центaрот за социјални работи во Виница да бидат двојазични?

„Високо огромни и скапи обврски што законот ги наметнува особено на судските органи се придружени со тешки парични санкции во случај на непочитување (член 23). Покрај тоа, неуспехот да се обезбеди превод и толкување што се бара со закон во текот на постапката претставува основа за враќање на судската одлука (член 9 (5)). Под сегашни околности, доколку се применува целосно Законот, тој значително ќе го забави функционирањето на целиот судски систем, со што ќе се доведе во опасност сериозно нарушување на правото на фер судење загарантирано со Европската конвенција за човекови права“.

Ова не го велам јас, не го вели опозицијата или некој напален македонски националист, ова го вели тим од ВРВНИ експерти на кои не може да им се јави претседателот на партијата и да им наредува како да одлучуваат. Делумно и јас и останати правници кои не сме вoвлечени во дупето на политичка партија алармиравме во делот на судските постапки и проблемите кои овој закон ќе ги донесе, но владејачката партија перфидно изигра и интенционално прво го изгласа законот, па го прати до Венецијанската комисија. Во СДСМ, ниту се глупи, ниту наивни и многу добро знаеја дека обратниот процес е тешко изводлив и дека ДУИ и албанските партии имаат милион начини да ги блокираат измените на овој закон што ги бара и самата Комисија.

Затоа тврдам дека процесот е намерно обратно изведен, ем на СДСМ да му донесе мир во куќа со ДУИ (овој закон е веројатно еден од главните услови за коалицијата ДУИ-СДСМ), но и алиби пред македонското гласачко тело – ете ние сакаме да ги спроведеме препораките, ама од ДУИ нѐ блокираат. Оваа провидна игра на СДСМ ќе му се удри на глава на наредните избори, бидејќи продолжуваат со потценувачкиот однос на гласачкото тело.

Повеќе на  Фокус.мк.

Поврзани вести

Back to top button