Преподобниот маченик Макариј Солунски, отиде во Солун и сред толпа Турци почна да зборува за Христос како за единствен вистинит Бог
Преподобниот маченик Макариј Солунски
Ученик на Св. патријарх Нифонт, во времето кога овој пребиваше во подвиг на безмолвие во манастирот Ватопед. Макариј жеднееше по мачеништво заради Христа и испроси благослов од Св. Нифонт. Патријархот беше проѕорлив и виде дека тоа ѝ е угодно на Божјата волја, па му го благослови маченичкиот подвиг. Макариј отиде во Солун и сред една толпа Турци почна да зборува за Христос како за единствен вистинит Бог. Турците го натепаа и го фрлија во затвор. Кога го изведоа на суд, Макариј им викна на Турците: „О кога вие би ја познале вистината и би се крстиле во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!“ Турците му ја отсекоа главата во 1527 година. Во тој миг Свети Нифонт со духот го виде од Ватопед и му објави на еден монах: „Знај, чедо, дека твојот брат Макариј денес сврши маченички и дека се вознесува на небото торжествувајќи и радувајќи се во Господа.“ По неговите молитви и ние да се удостоиме со блаженство.
Преподобна Марија Тарсиска
Живееше сосем развратно. Двајца монаси, патувајќи низ Тарс, отседнаа во гостилницата во којашто Марија го вршеше својот блуд. Кога им пристапи на монасите, тие ја укорија и ја оттурнаа како нечиста. Таа одеднаш се покаја и се зарече од тој час никогаш повеќе да не греши. Монасите ја поведоа со себе и ја одведоа во еден женски манастир, каде што се подвизуваше до старост. За време на животот се удостои со дар на чудотворство.