Избор на уредникотМакедонија

Боки 13 зема пари од Камчев (ВИДЕО)

Катица нема да се жали. СЈО нема да преземе никакви правни лекови, му вели Бојан Јовановски на бизнисменот Јордан Камчев. На снимката направена на 20 февруари годинава се гледа и Зоран Милески – Кичеец. Јовановски, директор на 1ТВ и претседател на НВО Меѓународен сојуз, заедно со Милески се во притвор осомничени за случајот „Рекет“. Снимката (монтирана) ја објави италијанскиот весник „Ла верита“.

Еве како течел разговорот меѓу Боки 13 и Јордан Камчев:

Бојан 13: Во понеделник ќе ве ослободат
ЈК: Добро
БЈ: Вторник најкасно веројатно.Врховен ќе ве ослободи.
ЈК: Врховен, не може да дојде до врховен до понеделник
БЈ: Да, тогаш ќе дојде. Нема да употреби СЈО вонредни правни лекови, нема ништо да употреби
ЈК: А Апелација?!
БЈ: Па Апелација ќе ве одбие. Вие се жалите во Апелација, да бидете спремни. Врховен се жалите, како втор спремен. Начелното правно лице и советот се повикува автоматски. Нема да употреби Катица никакви вонредни правни лекови да го прoдужува, да го удолговлекува, понеделник вторник вие сте на слобода.

На 15 јули беше уапсен Бојан Јовановски – Боки 13 и Зоран Милески – Кичеец по барање на Обвинителството за организиран криминал. Јовановски беше уапсен на граничниот премин Богородица. Јавното обвинителството отвори истрага против Јовановски и Милевски, како првоосомничен и второосомничен за изнудување пари. Двајцата се осомничени дека зеле 1,5 милиони евра со ветување дека преку специјален обвинител, врз кој имале влијание, ќе ја олеснат положбата на лице кое е под истрага. Двајцата се осомничени за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 е осомничен и за кривичното дело перење пари. На специјалната обвинителка Катица Јанева ѝ беа одземени двата телефони за да се утврди каква комуникација имала со осомничените. Двајцата добија 30-дневен притвор.