Избор на уредникотМакедонијаРелигија

Преподобен Гаврил Светогорец, епископ Велички

Епископот Велички Гаврил е роден на 1926 год. Во Штип од Православни родители Методиј (подоцна со монашко име Кирил) и Горица Парнаџиеви.

Уште како млад се карактеризирал со посебна кротост и послушност. Во учењето бил остроумен и со посебен наследен талент во ликовната уметност која ја крунисал и со диплома од белградскиот универзитет на отсек вајарство во 1955 год. Бил еден од подобрите вајари во државата. Подоцна се вработува како професор по историја на уметноста и ликовно образование во штипската гимназија.

Иако служел во световните служби, сепак никако не ја заборавал и Божјата служба. Имал навика секојдневно да присуствува на Богослужбите во катедралната црква св. Никола во Штип. Во тоа време, иако било време на најстрог атеизам и комунизам со програмиран прогон на Црквата, тој не се откажал од Бога. Дури и своите ученици ги поучувал во верата. За Велигден редовно им делел по едно црвено велигденско јајце и им велел: Деца, изедете ги јајцата, згмечете ја лушпата и расфрлете ја по градот за да видат сите дека Христос воскресна!

Иако по ништо не заостанувал зад своите врсници, па дури и во многу работи бил за чекор напред, неговиот живот во се’ бил монашки и пред да се замонаши. Во својот дом постојано пребивал во неговата соба читајќи, молејќи и живеејќи за Бога. А кога во неговиот дом доаѓале гости, тој културно и од учтивост се поздравувал со нив и повторно се повлекувал во својата соба како пчела во својата кошница. Девственоста ја сметал за голема светиња.

Вo 1963 год. го остава светот и светската служба и заминува со сиот свој живот да му служи единствено на Бога. Заминува на Света Гора Атонска. За неговиот престој таму добил директно благослов од игуманијата на Света Гора – Богородица. Се раскажува дека кога стигнал во монашката држава, дошол на брегот на Белото море и сакал да се измие. Тогаш здогледал жена која умилно го гледала. По некое време жената, како што дошла, така и заминала. Размислил и заклучил дека тоа била Богородица, бидејќи пристапот на жени на Света Гора е строго забранет. Тоа го охрабрило во неговиот понатамошен подвиг.

За жал  , затоа што бил макдонец  , за време на неговиот престој на Света Гора имал постојани политички проблеми од властите, меѓутоа, Бог го чувал преку целото тоа време. Се споменуваат две такви случки, кога во две различни прилики сакале да го протераат од Света Гора. Во едниот случај, кога влегол во една пештера каде еден пајак исплел толку голема пајажина што гонителите не го виделе, а во другиот случај, пак, го заштитиле змии.

Таму се подвизувал во скитот „Камена“ во една пештера како послушник на отец Татјан (Рус), кој за жал, кратко време по тоа, се упокојува во Господа. Не Литургија и причест најчесто одел во манастирите Хиландар и Свети Павле, каде заради неговиот исклучителен тивок карактер го добил и називот „Невидливиот“, затоа што ниту го гледале кога доаѓа, ниту кога заминува, единствено можеле да го видат кога пристапувал да се причести со светите и спасоносни животворни тајни Христови.

Бил замонашен во манастирот св. Павле со монашко име отец Гаврил

Неговите подвизи на Света Гора никој не ги знае, останаа тајна за луѓето и пред Бога, но од неговиот живот откако во 1071 год. се врати во Македонија, можеме да ги претпоставиме. За отец Гаврил слободно можеме да речеме дека е еден од најголемите подвижници на денешнината. Имено, тој скоро никогаш не спиел, а тоа време кога спиел, лежел на земја или на тврда рогозина. Држел најстрог пост. Никогаш не јадел јадења со масло, а јадел една просфора во седмицата. Во празничните денови, заради послушност кон црковните правила, само го топнувал прстот во кандилото и го оближувал. Редовно ги служел сите Богослужби во манастирот. Се занимавал и со умната молитва во подвигот на очистување на срцето од страстите. Во непрестајното изговарање на името Исусово во очистеното срце. Стекнал и умно-срдечна молитва. Добил од Бога дар на прозорливост и чудотворство.

Има многубројни сведоштва за светоста на неговиот живот и неговата жед за Бога. Еднаш еден човек кој многу добро го познавал ми има речено: Не сум видел човек кој толку го сакаше Бога. Кога во 1971 год. се враќа од Света Гора, барајќи мир за да може постојано да Му се моли на Бога, променува неколку манастири, св. Богородица – Матка, св. Богородица – Побожје, св. Димитриј – Марков Манастир, св. Преображение – Зрзе ?, за да во 1975 год. трајно се насели во манастирот на св. Гаврил Лесновски во Лесново – Брегалничка епархија, тогашна Злетовско-Струмичка, каде често знаел и со денови да се повлече од манастирот и да се насели во двете ближни пештери каде се подвизувал и неговиот исоименик св. Гаврил Лесновски. Секогаш избегнувал гужви и непријатности и во една таква прилика, бидејќи живееше во времето на атеизам, во неговиот манастир дошле една група војници. Тогаш тој се заклучил во својата ќелија и цела недела додека тие биле таму, не излегол, пребиваајќи во тишината на непрестајната умно-срдечна Исусова молитва.

Имал голема љубов кон верниот народ. Често ги собирал луѓето за големите празници и им држел сеноќни бденија. Бил строг кон себе, а благ кон другите. Сите ги поучувал во кротост, љубов, долготрпеливост, саможртвеност, ревност за Бога, верата, молитвата…

Имал голема вера и љубов кон Бога, така да за што и да го помолил Бога, веднаш го добивал. Има многубројни примери за чудостворноста на неговата молитва. Овде би споменале еден пример кога на едно негово духовно чедо внукот бил многу болем и пред тешка операција, за која докторите не гарантирале дека ќе остане жив. Во тие тешки моменти на тага, духовното чедо заборавило на својот духовен отец, но пред самиот ден на операцијата, во крајно бунило, добила просветлувачка помисла да појде кај дедо Гаврил (како што многумина го нарекуваа) и веднаш тргнала. Пред портите ја дочекал отец Гаврил со зборовите: Оди си дома, твојот внук е здрав. И кога се вратила дома, и’ кажале за чудесното излекување на нејзиниот внук, на што многу се чуделе и докторите. Исто така, едно дете сеуште е жив сведок дека по молитвите на о.Гаврил, неговиот јазик се ослободил и тој почнал да зборува.

Манастирот во Лесново постанува кошница за сиот Боготражителски народ во тоа време. Притекнувале луѓе од сите краишта на државата и луѓе од најразличен профил и професија. Отец Гаврил станува возљубен духовен отец на многумина кои Го бараат Бога.

Тој го обновува и руираниот стар конак во манстирот и ја подигнува и црквата Успение на Пресвета Богородица во Пробиштип, која е и прва и единствена црква во градот.

Покрај сите свои подвизи и одговорности, учи и дипломира на теолошкиот факултет во Скопје (меѓу првите). Пишува и книги и есеи по повеќе црковни весници. Покрај уметничките рецензии, автор е и на збирката поезија 33 Песни за Ерусалим, Света Гора – Небесна Земја (1978 год.), Пред најголемиот јубилеј на човекот (1980), 2000-годишнина на Христијанството е на прагот (1981), Правила и одредби на Православната Црква за постот (1994) и Отец Херувим (1998) и двете објавени постхумано.

Во својата пастирска и духовничка дејност има зацртано три цели:

Обнова на Лесновскиот манастир
Обнова на монаштвото
Свештено прославување на јубилејот 2000 години од Христијанството

Неговата преподобност била почитувана и надвор од нашата Црква. Пред да дојде на Света Гора, Србите сакале да го нарпават Владика во СПЦ, имал блиски врски со о. Емилијан Симонопетарски, кој во тоа време бил игумен на Метеорите и сакал да го задржи отец Гаврил како игумен на еден од манастирите, подоцна го барале да биде игумен на скитот на св. Харитон Исповедник во Ерусалим.

Во 1981 год. од Синодот на МПЦ бил унапреден во архимандрит на 28-ми август, на празникот на Успение на Пресвета Богородица, а во 1989 год. е хиротонисан и за епископ со титула Велички.

Неговата блиска смрт си ја предвидел и самиот си отслужил 40 заупокоени Литургии. Се упокојува мирно на молитва со своето сакано Евангелие на гради и со бројаницата во рака. Пред да се упокои, самиот си се подготвил за својот погреб и на едно листе напишал: Јадењето подгответе го без масло, ги собрал своите духовни чеда од Лесново и рекол: Чеда мои, до сега бев со вас, и сега веќе одам во горниот Ерусалим и пак ќе бидам со вас и ќе ве чекам во Небесниот Ерусалим.

Се упокојува на 12-ти јануари 1990 год. и навистина не ги оставил своите духовни чеда. По неговото заминување во Горниот Ерусалим, на многумина им се јавил во сон, а на едно негово духовно чедо на кое негло почнал да му слабее видот, му се јавува на сон, го излекува и се упатува кон црквичето Вознесение Христово – Штип. Во домот на едно негово духовно чедо, од неговата фотографија, кој и’ ја дал додека бил жив, почнало да тече свето миро. А и до ден денеска има значи и чудеса на неговиот гроб од каде се чувствува и благопријатна миризба низ воздухот, а селаните кажуваат дека по неговото упокојување во Господа, на неговиот гроб гледале светлина во вид на огнен столб.

По молитвите на нашиот свет отец Гаврил Светогорец, епископ Велички, Господи Исусе Христе, помилуј не’! Амин.

Светата маченичка Анисија

Родена е во Солун од угледни и богати родители, воспитана во Христовата вера. Рано остана сираче и целата се предаде на богомислие и на молитва во својот дом. Побудувана од Христовата љубов често велеше: „О лажен животу на младите, зашто или соблазнуваш или се соблазнуваш. Подобра е староста, но тага ме обзема заради должината на времето коешто ме дели од небесните“. Потоа сиот свој имот го продаде и им го раздаде на ништите, а самата живееше од трудот на своите раце. Држеше строг пост, спиеше многу малку и непрестајно лееше солзи на молитва. Кога ќе ја совладаше сон, си велеше себеси: „Опасно е да се спие кога мојот непријател бдее“. Во тоа време свирепиот цар Максимијан издаде проглас дека секој може да убие христијанин кога ќе го сретне, без суд и осуда. Еднаш оваа света девојка излезе за да оди в црква. Тој ден беше незнабожечки празник на сонцето. Некој војник ја виде убава во лицето, па ? пријде со нечиста желба и ја праша за името. Таа се прекрсти и му рече: „Јас сум слугинка Христова и одам в црква“. Кога дрскиот војник ? пријде поблиску и почна да ? зборува безумни нешта, таа го оттурна и му плукна во лицето. Војникот ја удри со меч под ребрата и ја прободе. Оваа Света девица пострада во 298 година. Христијаните ја погребаа чесно, а Бог ја овенча со маченички венец во Своето Царство. Над нејзиниот гроб подигнаа црква.

Преподобна Теодора Цариградска

Монахиња и послушничка на Св. Василиј Нови (под 26 март). По смртта му се јави на Св. Григориј, ученик на Василиј, и му ги опиша дваесетте митарства што ги минувала нејзината душа дури со помошта на молитвите на Св. Василиј не влегла во вечниот спокој. Се престави кај Господ на 30 декември 940 година.

Светиот апостол Тимон

Еден од Седумдесеттемина апостоли. Го поставија за Батрски епископ во Арабија. Проповедајќи го Евангелието претрпе многу маки од незнабожците. Го фрлија во оган, но остана неповреден. Најпосле издивна распнат на крст и се пресели во Христовото Царство.

Преподобна Теодора Кесариска

После многу подвизи во манастирот на Света Ана мирно се упокои во 775 година.

Преподобниот маченик Гедеон

По потекло Грк од многу бедни родители. Во младоста насилно го потурчија. Се покаја и побегна на Света Гора, каде што се замонаши во манастирот Каракалу. Желен за мачеништво за Христа зеде благослов од духовникот и појде во местото каде што беше потурчен, им се јави на Турците, ја исповеда својата вера во Христа, а Мухамед го нарече лажен пророк. Турците му ја избричија главата, го положија наопаку врз магаре и го водеа низ градот. Но тој се радуваше зашто претрпе потсмевање за Христа. Потоа со секира му ги отсекоа сите прсти на рацете и на нозете и најпосле го фрлија во нужник, каде што и Му ја предаде својата света душа на Господа, во 1818 година во местото Трново во Тракија. Неговите чудотворни мошти почиваат во црквата на Светите апостоли во Трново, а еден дел се наоѓаат во манастирот Каракалу.

Свети Дионисиј Закински

Во светот Драганиг Сигур, се родил во 1547 година на островот Закинтос во Јонското Море. Неговите предци се преселиле од Нормандија (Франција) во Италија, а потоа на островот Закинтос, каде примиле Православие. Според преданието, кум на крштението на светиот му бил преподобeн Герасим Кефалониски. Многу добро ги владеел старогрчкиот, латинскиот и италијанскиот јазик, го изучувал Светото Писмо и делата на отците на Црквата. На 21-годишна возраст го предал целото свое наследство на помладиот брат и сестра, а самиот отишол во манастир. Во 1568 година примил монашки постриг со името Дaниил во Старофадскиот манастир на островот Строфадес, недалеку од Закинтос. Во 1567 година бил ракоположен во ѓакон, а во 1570 година, на само 23 години, за свештеник. Во 1577 година го замолиле да ја преземе архиепископската катедра на островот Егина. При ракополагањето го добил името Дионисиј, во чест на покровителот на Атина, свештеномаченикот Дионисиј Ареопагит. Живеел строг аскетски живот и бил пример и духовен отец на многу христијани. Но, по две години од архиерејската хиротонија, свети Дионисиј се откажал од епископскиот чин, мислејќи дека многубројните пофалби може да го возгордеат. Повеќе од четириесет години свети Дионисиј ги пасел словесните овци на островот Закинтос. Се упокоил во Господ на 17 декември 1622 година и бил погребан во манастирот на островот Строфадес, во храмот на свети великомаченик Георгиј. Кога по неколку години, според обичајот на манастирот, неговите мошти биле извадени од гробот, тие се покажале нетлени и миомирисни. Во неговото житие се вели дека ја достигнал височината на простувањето и човекољубието. Еден ден, во манастирот каде што престојувал свети Дионисиј дошол некој човек во неговата ќелија со молба да го скрие од неговите гонители. Кога свети Дионисиј го запрашал зошто го гонат, човекот одговорил дека убил монах. Од разговорот што го воделе свети Дионисиј дознал дека убиениот монах е, всушност, неговиот брат. Свети Дионисиј ги примил тие вести со голема жалост, но не го избркал убиецот, туку го скрил и не го предал во рацете на неговите гонители. Убиецот потоа длабоко се покајал и станал монах, а свети Дионисиј го испратил во Пелопонез. Неговиот спомен се празнува двапати годишно, и тоа: денот на неговото успение (30 декември/12 јануари), како и преносот на неговите мошти на 24 август/6 септември.

Поврзани вести

Back to top button