„Според мене најблагородната работа е онаа која ги прави луѓето среќни, весели, задоволни и убави, а верувам дека мојата е токму таква“ – Биљана Каран
Биљана Каран е моден дизајнер кој ја сака убавината во сите нејзини форми.
Сакам да истражувам и создавам нови креации. Уметноста ми е пасија, музиката најверен другар. Поезијата омилена за читање, а танцувањето омилена вежба, слободен стил во комбинација со јога. Ми значат квалитетните релации со луѓето во мојот живот, искрена сум, спонтана и не сакам правила. Сакам романтични комедии, мјузикли, шопинг кога нема гужва, вкусна храна, поглед на море и многу сонце…
1. Кога се појави желбата за мода?
Тоа е дел од мене, отсекогаш знаев што сакам, а тоа беше да креирам оригиналност и да создавам мода, да креирам нови светови на убавина и восхит, да инспирирам и разубавувам. Модата е најдиректната форма на експресија која апсолутно го рефлектира нашиот сензибилитет, стил и вкус. Таа е најтрансформативната уметност и најзабавната. Комбинациите на форми, бои и стилови на изработка, како и начинот на кој ја носиме се бесконечни. Ја обожавам мојата работа!
2. Како започна вашата модна приказна?
Веројатно започна со желбата во моето срце, уште од најраното детство сонував за Париз, тоа беше моето прво диско искуство кое никогаш нема да го заборавам и кое врескаше мода, префинетост, и ми покажа еден цел нов свет. Ги учев францускиот јазик и култура, но животот ме однесе во Фиренца, еден од најубавите градови во светот каде студирав мода и имав шанса да стажирам во музејот на врвниот дизајнер за обувки Салваторе Ферагамо, кое беше незаборавно искуство од кое научив многу за естетиката, пропорцијата и златното доба на Холивуд. Животниот стил и опкружувањето во овој град музеј и еден од најпознатите центри за мода во светот е местото каде започна мојата модна одисеја. Секогаш ке ги носам во своето срце спомените и убавината која ми ја подари овој град, подготвена за убавината која допрва ја спознавам со секое ново место и искуство.
3. Што е она што ве прави посебни и ве издвојува од конкуренцијата?
Во се што правам го слушам своето срце, настојувам да останам комплетно своја и да го дадам најдоброто од себеси. Мојот дизајн има препознатлив израз на авангардност, софистицираност и елеганција кој со секоја нова колекција се повеке се рафинира и усовршува. Користам исклучиво најквалитетни материјали, кои ми се особено битни во процесот на креација. За мене луксузот претставува спој на убавина и комфор кон која се стремам со секој нов модел. Постајано учам и се надградувам, а задоволството на моите клиенти е најголемата награда за мојата работа и причина за повеке оригиналност, префинетост и инспирација.
4. Од каде ја црпете мотивацијата за секое парче посебно?
Инспирацијата е дар од бога, кога сум креативно инспирирана се околу мене може да биде извор на инспирација. Понекогаш ја наоѓам во раното утро, во боите на природата, во уметноста, лугето на кој им се воодушевуваме, во лицето наспроти нас, во песната на птиците, во музиката, во играта на животот и каде уште не. Кога ќе го допрам изворот во себе си, инспирацијата е како река која се раѓа преку мене и моите креации како опиплива реалност. Она што ме инспирира е најблиску до моето срце.
5. Модна формула за добар стил?
Не верувам во формули, особено не кога станува збор за модата. Само погледнете ги светски познатите модни икони и ќе забележите дека токму непослушноста кон утврдените норми и правила е она што ги прави модерни и икони на стилот. Мојот совет е да ја носиме и комбинираме гардеробата на свој начин, да инвестираме во квалитетни и уникатни парчиња и да не го заборавиме накитот и аксесоарите кои се одлични за да дадеме посебен печат на нашиот изглед и стил.
6. Вашето животно мото кое ви го придвижува светот околу вас?
Однесувајте се кон другите како што сакате тие да се однесуваат кон Вас. Моето мото е секој кој ке облече моја креација или уникатно парче накит од моите колекции да се чувствува задоволно, убаво и среќно. Според мене најблагородната работа е онаа која ги прави луѓето среќни, весели, задоволни и убави, а верувам дека мојата е токму таква.
Мариета Младеновска
На фотографиите дизајнерката Биљана Каран носи модели од колекцијата „Infiniti“
Фотографија и шминка: Софи Брусен