Ако глобалното затоплување продолжи со истото темпо како досега, климата на Земјата во 2030 година ќе потсетува на онаа која владеела со нашата планета пред три милиони години, покажало најновото истражување на Американската научна академија, пренесува СиЕнЕн.
Во текот на тој период познат како „плиоцен“, температурите на воздухот на Земјата биле меѓу два и четири степени повисоки, а капацитетот на океаните за околу 20 метри од денеска, објаснил Кевин Д. Бурке, водач на студијата и истражувач на Институтот за истражување на околината во Нелсон.
Научниците тврдат дека Земјата уште сега е потопла за еден степен Целзиусов отколку во периодот меѓу 1850 и 1900 година и дека за тоа заслужни се штетните гасови од автомобилите и авионите, но и други активности на човекот.
Бурке претставил уште едно црно сценарио. Тој во својата студија објаснува дека ако продолжиме да го правиме она што го правиме денеска, до 2150 година Земјата ќе се врати во состојба во која била пред 50 милиони години. Тоа значи дека планетата ќе се врати во „зората на еволуцијата“ на првите цицачи и во времето кога изумреле диносаурусите.
„Се движиме кон многу драматични промени во многу кратко време“, истакнал Џејк Вилијамс, експерт за палеоекологија и климатологија на Универзитетот во Висконсин и коавтор на студијата.
Тој истакнал дека половите на Земјата до 2150 година нема да останат без мраз, бидејќи на ледот му треба уште долго за да се стопи. Но, затоплувањето ќе доведе до изумирање на многу животински и растителни видови.
„Можеме да влијаеме на својата историја и историјата на Земјата ако се обидеме да ги разбереме сегашните промени и да се прилагодиме на нив“, заклучува Вилијамс.