Живот со аутизам – Семејството на 13 годишниот Кристијан ги моли сите хумани граѓани да им помогнат за лекување во Истанбул
Семејството Андрееви со натчовечки напори се бори да му го олеснат животот на нивниот 13-годишен син кој има многу тежок облик на аутизам со епилептични напади. Кристијан расте помеѓу два света, неговиот интимен кој е недостапен за нас и нашиот хаотичен и недораснат за неговите проблеми. И неговата седумгодишна сестричка, за која велат дека пред време пораснала, детски, но со големо срце се бори и верува дека нејзиниот брат еден ден ќе и ја покаже својата братската љубов. За жал, како што велат неговите родители, многу доцна докторите констатирале дека Кристијан има аутизам, се сомневаат дека тоа му ја влошила состојбата. Ова семејство секојдневно поминува низ најтешкиот пат, за да ги исполнат неразбирливите, но сепак детски желби на нивниот исплашен син, да го смират и барем за миг Кристијан да ја почувствува нивната бескрајна родителска љубов, која отсуствува од надворешниот и за него туѓ свет.
„Сака да зизлезе надвор, во нашиот град но и надвор. Доколку таа желба не му се исполни тогаш е многу хаотично. Имаше период во кој никој не смееше да дојде дома ги бркаше сите. Во Македонија имаме само неколку доктори кои не труеја со лекови, условно кажано и им верувам порано. Кристијан пред да ги пие овие лекови не беше толку нервозен“, вели мајката на Кристијан
Голема надеж за ова храбро семејство е пресадувањето на матични клетки, интервенција која треба во ноември да ја направат во болница во Истанбул, лекувањето чини околу 38 илјади евра, сума која е преголема за нив. Живееат само од една плата, таткото на Кристијан не работи, го чува својот син зошто нема кому да го остави, но, очекуваат дека величината на хуманоста ќе ја надмина оваа висока сума и нивниот син ќе почне да го живее својот сон, кој ќе биде барем малку сличен со останатите деца, а животот за сите нив ќе биде поподнослив.
„Кога отидов во Фондот за здравствено осигурување ми побараа конзилијарно мислење, а јас не можам да добијам, бидејќи докторите кај нас не признаваат дека аутизмот може да се подобри“, вели мајката на Кристијан
За неколку дена мајка му на Кристијан ќе има средба и со министерот за здравство, Венко Филипче, не очекува премногу, но како што вели ќе се чувствува полесно затоа што ќе знае дека се обидела да направи малку повеќе, како секој родител кој не знае за граници кога се бори за своето дете.
Јасмина Спасовска за телевизија 24 вести