ВИДЕО: Исповед на жртвите на римокатоличките свештениците педофили од САД: “Не ги тргаше рацете од мене”
Поминале 70 години откако свештеникот педофил го нападнал Роберт Корби. Децении подоцна, неговата жена и семејството секојдневно патат.
“CNN” објави потресна исповед од неколку жртви на стотици свештеници педофили кои со децении силувале и злоставувале деца во Пенсилванија, а црквените власти ги криеле ваквите случаи.
Судот во Пенсилванија објавил шокантен извештај во кој се обвинуваат повеќе од 300 свештеници во Пенсилванија за силување и сексуално злоставување на деца од 1947 година. Во извештајот од поротата кој се темели на двегодишната истрага на шест бискупи се наведува дека свештениците злоставувале повеќе од 1000 деца, а помеѓу обвинетите е и кардиналот Доналд Вуерл, надбискуп на Вашингтон.
Некои од жртвите одлучиле да ги изнесат своите приказни пред камерите. 83-годишниот Роберт Корби изјавил:
“Не бев способен да покажувам нежност пред својата жена. Не можев ни да ги прегрнам своите деца”.
“Кој би ми поверувал?”
Роберт раскажал дека свештеникот почнал да го злоставува кога имал 13 години. Тој сметал дека никој нема да му верува доколку се осмели да каже.
“Кој би ми поверувал? Кој во 1947 или 1948 година би поверувал дека свештеник би направил нешто такво? Тогаш никој не слушаше за ваквите работи бидејќи добро се криеја”.
Корби додал дека бил мета на свештеникот бидејќи немал татко, а својата приказна ја споделил на конференцијата за новинари во вторникот, во текот на објавата на извештајот од поротата.
“Не ги тргаше рацете од мене”
37-годишната Керолин Фортни раскажала низ солзи како го запознала свештеникот кој ја злоставувал кога имала само 18 месеци:
“Имав пелени, истрчав од домот и отидов право кај него. Кога бев малку постара, тој не ги тргаше рацете од мене”.
Керолин изјавила дека секогаш се присетува на злоставувањата кога ќе го слушне зборот “Бог”. “Тој збор ме потсетува на него. Се чувствувам како целиот мој живот да е лага”.
“Тоа никогаш не го заборавате, влијае на вас до крајот на животот”
Фортни исто така додала колку ѝ било тешко да зборува за злоставувањето. “Многу сте осамени, особено кога е во прашање вашиот збор против божјиот”.
48-годишниот Шон Доерти исто така бил жртва на педофилија во црква во Пенсилванија.
“Тоа никогаш не го заборавате, влијае на вас до крајот на животот”, раскажал тој.