Професор Хаџидедиќ: Лондон не се откажува од поделба на БиХ и на Македонија!
Војната која се водеше на просторот на поранешна Југославија во 1990-тите повеќе не може да се повтори, иако се создава психоза дека само што не избила, вели за српскиот весник „Политика“ Златко Хаџидедиќ, професор на Сараевска висока школа за наука и технологија.
Експертот за меѓународни односи не го загрижуваат ниту предупредувањето од претседателот на Европска комисија, Жан-Клод Јункер, дека и понатаму постои ризик за нова војна на Балканот, ниту изјавите на членот на претседателството на БиХ, Бакир Изетбеговиќ, дека сака повеќе оружје.
-Таквата атмосфера намерно се создава за полесно да се прифати поделбата на БиХ и на Македонија, смета експертот што својата докторска теза ја работел на славниот социолог Ентони Смит од Лондонска школа за економија.
Во интервјуто за српскиот весник тој истакнува дека приказната за малигното руско влијание на Балканот е само параван зад кој се кријат британските геополитички интереси.
-Се шири страв за граѓаните да кажат – Ајде да се поделиме само за да не избие војна повторно.А поделбата на Босна и Херцеговина и на Македонија е британска геополитичка константа. Лондон по распадот на СФРЈ никогаш не ги третираше како рамноправни држави со бившите југословенски републики. Во британската перцепција БиХ и Македонија и понатаму се остатоци од Отоманска империја, кои треба да се распарчаат, вели Хаџидедиќ.
Сараевскиот политиколог изнесува и смела теза дека, ако не беше последното заострување на односите меѓу големите сили околу Сирија, во Лондон веќе пролетва ќе се одржеше конференција за поделба на овие две држави. А програмата за таквата конференција, според него, практично ја најави Тимоти Лес во магазинот „Форин афеарс“.