Религија

Папата со жесток говор против мафијашите: Тие во своите души носат смрт

Папата Франциско им порача на италијанските мафијаши, кои најчесто самите се сметаат за големи верници, дека во нив нема ништо христијанско.

Зборовите на Франциско упатени кон општата публика на плоштадот Свети Петар се неговиот најжесток напад кон организираниот криминал досега.

„Не треба да се оди далеку, доволно е да разгледаме што се случува тука, во Италија“, рече Франциско говорејќи општо за лажните христијани, кои се преправаат дека се праведни, а во реалноста имаат злобен дух.

„Еве, тие таканаречени христијани, мафијаши. Во нив нема ништо христијанско. Тие сакаат да се нарекуваат христијани, но во своите души носат смрт и злоба кон другите“, рече поглаварот на Римокоатоличката црква.

Повеќето членови на италијанските организирани криминални групи, како што се калабриската Ндрангет и сицилијанската Коза Ностра, се сметаат за многу побожни луѓе. Тоа посебно важи за помалите јужни градови, каде луѓето редовно се причестуваат и не ги пропуштаат мисите.

Калабриското гратче Опидо Мамертина се најде на насловните страници во 2014 година кога традиционалната поворка на Пресвета Богородица скршнала од вообичаената рута за да помине крај куќата на локален мафијаш кој бил премногу болен за да може да учествува во истата. Папата Франциско ја посети Калабрија истата година при што ги обвини мафијашите дека му служат на злото и дека со своите постапки самите се оттуѓуваат од црквата.

И папата Јован Павле Втори во својот познат говор од Агриџенто во Сицилија од 1993-та година, луто, речиси со викање, ги осуди членовите на Коза Ностра, велејќи дека еден ден тие ќе се соочат со божјата правда. Мафијашите му одговорија со неколку помали бомбашки напади на римски цркви, вклучувајќи ја и базиликата на свети Иван Латерански, која е резиденцијална црква на папата во неговото својство на римски бискуп.

Поврзани вести

Back to top button