Скопјанка обвинува дека посвоеното дете и било одземено зошто не сакала да даде мито
Посвојувањето дете за Кристина Кузманова значело исполнување на животниот сон – да стане родител. Во 2013, на само еден потпис пред и официјално да биде мајка на 5 годишното дете, сонот се претворил во кошмар поради корумпираниот систем – раскажува Кузманова.
Таа тврди дека и биле побарани 2000 евра, сума која прифатила да ја плати откако ќе заврши адаптивниот период. Кога дошло времето за плаќање, сфатила дека шалтерот на кој била упатена, всушност и не постои, а парите требало да ги даде на рака.
„Ми побара пари, 2000 евра и знаев за пари. Јас и побарав на Ленче Коцевска да ми даде црно на бело и ќе ви ги дадам парите. Да имам црно на бело, да не ме терате на шалтер да ви плаќам.“ – вели Кристина Кузманова.
Парите не ги искеширала и тврди дека од тој момент станала предмет на институционален прогон. Веднаш потоа, комисијата за посвојување проценила дека детето не може да живее со бабата која патела од склероза, по што експресно била сместена во геријатрија каде починала само неколку недели по приемот. За неполн месец Кузманова останала и без синчето. Членовите на комисијата за посвојување по чија наредба и било запшано детето во градинката, ја повикале таму и ја обвиниле за малтретирање.
„Тогаш последен пат го видов. Немаше ни модро. Го тегнеше за рака за да го изнесат надвор, го влечеше, детето плачеше, само тогаш успеав да го гушнам. Не ми дозволуваа и ме буткаа да не го гушнам.“ – вели таа.
Потоа следел и судски процес, за кој Кузманова тврди дека е монтиран, и е осудена за семејно насилство на 3 годишна условна казна. Тврди дека не и било дозволено да повика сведоци, а фотографиите од повредите кои биле прикажани, според неа, биле од друго, постаро дете. Разговор со детето извршил единствено членот на комисијата кој се водел како старател, и тоа насамо.
„На сликите имаше дете со нормално уше, не беше клемпаво како на моето дете.“ – вели таа.
Повеќе на 24vesti.com