Од оваа мала држава ќе почне Третата светска војна?
Најголем број на странски воени бази на светот се концентрирани на мала површина во една африканска држава – Џибути.
Оваа мала држава со површина од 23.200 километри квадратни е една од најмалите држави овој голем континент, со помалку од еден милион жители.
Џибути е поранешна француска колонија, па не е ни чудо што Франција и натаму има неколку воени бази во таа земја. Меѓутоа, таму веќе некое време свои бази имаат и САД, како и некои европски и азиски држави, а се градат и нови.
По терористичките напади на 11. септември, САД на Џибути го основале Камп Лемониер – својата единствена трајна воена инсталација во Африка – за да се борат против терористичката закана во Јемен.
Италијанците исто така имаат своја база, додека војниците од Германија и Шпанија се чести гости кај Французите.
Своја база во Џибути изградила и Јапонија, и тоа е нејзина прва прекуморска воена база. Минатото лето Кина го направила истото, а сега Јапонија планира својата база да ја прошири за да се спротивстави на растечкото влијание на Кина.
Во тек е изградбата на воена база на уште една моќна и богата земја – Саудиска Арабија.
Постојат и гласини и дека Индија разгледува да земе дел од овој “најскап воен имот на светот”.
Доколку тоа се случи, тогаш речиси сите светски сили, освен Русија, ќе имаат своја база во Џибути.
Бруно Макаеш, португалски политичар и научник напишал текст за Џибути за весникот “Politico” во рамките на серијалот текстови – “Војни кои доаѓаат”.
“Тука ќе почне Третата светска војна”, рекол тој.
Тој ја опишал својата посета на Џибути, каде видел кинески и американски војници кои ја користат секоја можност да фотографираат ривалска воена опрема и логистика.
“Полковник Богоре, врховен командант на крајбрежната стража на Џибути, ми кажа дека морал да воведе ред откако кинеските морнари цело време правеле недозволени фотографии од американски уништувач”, рекол Макаеш.
Зошто баш Џибути?
Оваа држава се наоѓа на Африканскиот рог, во близина на конфликтната зона во Африка и на Блискиот исток. Воените удари од Џибути можат да дојдат до Сомалија, Судан, Јемен, Сирија и Ирак за неколку минути.
Џибути се наоѓа во близина на Суецкиот канал, еден од најраздвижените поморски патишта и честа мета на пирати. неколку држави ги раководат своите антипиратски операции од Џибути. Земјата има и граница со Сомалија, еден од главните центри на регионалните пирати.
Што ако дојде до војна меѓу земјите со бази на Џибути?
Одговорот на ова прашање не е јасен, а многу работи ќе зависат од природата на потенцијалниот конфликт. Доколку Индија навистина отвори воена база на Џибути, секој можен конфликт моментално би се раширил на таа територија, бидејќи Џибути е од големо значење за Кина, посебно за да може да ја обиколи Индија.
Во сценарио на конфликт меѓу САД и Кина во Јужното кинеско море, нивните бази во Џибути веројатно би биле ставени во состојба на тревога, но би можеле да останат и на страна.
Една од можностите е судрените држави да го изберат токму Џибути како центар за ограничен судир. Секој територијален спор меѓу Кина и Јапонија е толку оптоварен со опасност, па можно е двете земји попрво да сакаат да се пресметаат далеку во Африка.
Изгледа дека една неодамнешна епизода го потврдува ова мислење: Како што било откриено во еден текст во официјалниот весник на кинескиот Врховен обвинител, минатата година јапонски брод пратил нуркачи да шпионираат кинески воен брод, во време кога двата брода биле блиску до Џибути.
Во минатиот век конфликтите биле внимателно организирани со јасни граници и сфери на влијание, но денес, глобализацијата влијаела на тоа ривалите да се најдат многу блиску едни до други – а Џибути е совршена слика од овој нов свет, каде големите сили се принудени да делат ист простор.