Православните верници го слават овој празник посветен на Св. Ана
Зачнувањето на Света Ана
Праведните Јоаким и Ана беа бездетни цели педесет години од нивниот брачен живот. На старост им се јави архангелот Гавриил, секому посебно, и им рече дека молитвите им се услишени од Бога и дека ќе родат ќерка, Марија. Тогаш Св. Ана зачна од својот маж и по девет месеци роди ќерка благословена од Бога и од сите човечки колена, Пресветата Дева Марија Богородица (поопширно под 9 септември).
Света Ана, мајката на Пророкот Самуил
Жена на Елкан, од Арматем или Ариматеја (1 Сам. 1). Немаше деца бидејќи беше неплодна, заради што горко плачеше и тагуваше. Но милостивиот Бог се смилува на неа и ја разреши нејзината неплодност заради нејзините непрестајни воздишки и молитви. Ана го роди синот Самуил и Му го посвети на Бога уште од неговото детство. Тој беше голем водач на Израилскиот народ и Пророк, помаза два цара, Саул и Давид. А Св. Ана Му испеа на Бога благодарствена песна, чудесна според мудроста и убавината, па нејзе и ден денес ја пеат во богослужбите на Црквата (1 Сам. 2, 1).
Преподобен Стефан Новосјаен
Овој Божји угодник е роден и воспитан во Цариград, во домот на неговите родители Захарија и Теофанија. Татко му беше свештеник во Големата Црква во времето на патријархот Методиј. Кога го носеше зачнат во нејзината утроба мајка му се хранеше само со леб и вода. Кога се роди младенецот, на неговите гради сјаеше крст од светлина. Заради ова, а и заради неговиот чист и богоугоден живот, наречен е Новосјаен. Во осумнаесеттата година од животот Стефан се затвори при црквата на Св. апостол Петар и таму се предаде на подвиг на пост и молитва. Еднаш му се јави Св. Петар и му рече: „Мир на тебе, чедо, добро започна, Господ да те укрепи!“ Потоа поживеа многу години при црквата на Св. маченик Антипа. Нему овој светител му се јави и го укрепи со зборовите: „Знај дека нема да те оставам“. Стефан си налагаше с ѐ поглеми подвизи. Се хранеше со несолено зелје двапати неделно. Се подвизуваше заради Небесното Царство педесет и пет годни и се упокои во Господ во 829 година, во седумдесет и третата година од својот овоземен живот.
Свети Софрониј, архиепископ Кипарски
Тој е роден и воспитан на Кипар. Заради неговата голема духовна ученост и многубројните добродетели, особено милосрдноста, го поставија за архиепископ после Св. Дамјан. Откако верно ѝ послужи на Црквата се упокои мирно во 6 век.