Православни светители кои се празнуваат денес
Светите маченици Онисифор и Порфириј
Овие двајца прекрасни мажи беа мачени за името Христово во времето на царот Диоклецијан. Беа многу биени, а потоа горени на железна леса, па врзувани за опашките на коњите и влечени по камења и трње. Така беа растргнати на парчиња и Му ги предадоа своите свети души на Бога. Нивните мошти се погребани во Пентапол.
Преподобен Јован Колов
Се вбројува меѓу најголемите мисирски подвижници. „Колов“ значи малечок, а тој беше малечок по раст. Во Скитот дојде заедно со својот брат Данило и со преголема ревност се предаваше на подвиг, така што брат му Данило мораше да го насочува на умереност. Му беше ученик на Св. Памво, а подоцна на Св. Арсениј Велики. Негов соученик кај Св. Памво беше Св. Пајсиј Велики. Еднаш додека тој и Пајсиј разговараа каков начин на подвиг да превземат, им се јави ангел Божји и му нареди на Јован да остане на своето место и да ги поучува другите, а на Пајсиј да оди во пустината и да живее како пустиник. За да ја испита послушноста на Јован, Св. Памво му нареди да залева еден сув стап забоден во земја, с ѐ додека не зазеленее. Без размислување и сомневање Јован го залеваше ова суво дрво три години секој ден, додека навистина, со Божјата сила, не се раззелени и донесе плод. Тогаш Памво ги собра плодовите од она дрво, ги однесе в црква и им ги раздели на браќата, велејќи: „Пристапете и вкусете од плодот на послушанието!“ Јован Колов имаше мноштво ученици. Некои од неговите мудри изреки се сочувани. Се упокои мирно и се пресели во радоста на својот Господ.
Преподобна Матрона Цариградска
Од Пергија Памфилиска. Брзо ѝ се смачи бракот со некој цариградски големец Дометијан, па побегна, се преоблече во машка облека и под името Вавила стапи во машкиот манастир на Св. Васијан во Цариград. Но бидејќи мажот ѝ непрестајно трагаше по неа, таа беше принудена да смени многу места, како Емеса, Синај, Еусалим, Бејрут и најпосле повторно дојде во Цариград. Се замонаши кога имаше дваесет и пет години, а се подвизуваше седумдесет и пет години. Живееше вкупно сто години и кога се упокои беше игуманија на еден манастир во Цариград. Мирно почина и се пресели во радоста на својот Господ, во 492 година.
Преподобен Ефтимиј Дохијарски и неговиот ученик Неофит
По потекло се Срби и роднини на високи византиски аристократи. Ефтимиј најпрво му беше другар на Св. Атанасиј и економ на неговата Лавра, а потоа основач на манастирот Дохијар. Се упокои мирно во 990 година. Неговиот внук Неофит го наследи својот чичико како игумен на Дохијар, го умножи братството и изгради голема црква. Се упокои во почетокот на 9 век.
Свети Симеон Метафраст
Беше многу надарен цариграѓанин. Имаше и светско и духовно образование. Стана царски логотет и прв големец на дворецот. Но живееше чисто и непорочно како вистински аскет. Се одликуваше и со голема војничка храброст и со државничка мудрост. Заради тоа царот Лав Мудриот многу го ценеше и еднаш го испрати на Крит да преговара за мир со Арапите, коишто во тоа време го беа зазеле овој остров. Откако успешно ја заврши оваа мисија тој се врати во Цариград и наскоро се повлече од светот и од светските работи. Пишуваше житија на светителите, и тоа состави сто давесет и два нови животописи и исправи петстотини триесет и девет. Се упокои околу 960 година. Од неговото тело потече благоухано и исцелително миро.
Преподобна Теоктиста Пароска
Родена е на островот Лезбос. Се замонаши во својата седумнаесетта година. Дивите Сарацени удрија на овој остров и ги заробија сите што им дојдоа под рака, па и Теоктиста со сестра ѝ . Кога Сарацените ги изведоа робовите на пазар на осторвот Парос, Теоктиста им побегна од толпата и се скри. Се криеше во некој напуштен храм сред островот и таму се подвизуваше триесет и пет години. Се упокои мирно во 881 година.
Свети Нектариј Егински
Свети Нектариј е роден на 1 октомври 1846 година, во Силвира, регионот на Траки (Грција), како петто од вкупно шест деца во сиромашно семејство. Неговото име било Анастасиос Кафалас. На возраст од 14 години се преселува во Константинопол (Истанбул), каде што почнува да работи за да може да го продолжи образованието. Во 1866 година се преселува на островот Киос, каде што наредните години го надополнува своето образование. Бидејќи беше од сиромашно семејство, кога сакаше да замине од својот дом, немаше пари за да го плати билетот на бродот, а капетанот не сакаше да го пушти да влезе без билет. И неколку дена бродот не можеше воопшто да се помрдне. Дојдоа најдобрите мајстори, но не можеа да откријат зошто бродот не може да исплови. Свети Нектариј целото тоа време седеше спроти бродот нажален, и дури кога капетанот му го фати погледот, сфати зошто бродот не може да тргне. Во моментот кога го пушти свети Нектариј да се качи, во тој час бродот исплови. Во 1876 година, на возраст од 30 години се замонаши и го доби името Нектариј. Во 1885 година дипломираше на Универзитетот во Атина. За време на своето студирање, напиша многу книги и даде многу свои коментари на Библијата. По дипломирањето, заминува во Александрија, Египет, каде што е ракоположен за јеромонах и служи во црквата во Каиро. Заради неговата побожност и дарба за проповед на Евангелието, во 1889 година е назначен за Митрополит на Пентаполи од Патријархот Софрониј. Остана во Каиро една година, и неправедно и без објаснување беше преместен далеку од Египет, како резултат на клевети и лаги кажани за него. Во 1891 година се враќа во Грција, и две години служи на Евија. Во 1894 година именуван е за директор на Црковното училиште, каде неговите служби оставаат длабок траг и печат. Напиша многу студии и книги, за сето време додека служеше во Атина. Во 1904 година, на барање на неколку монахињи основа женски манастир на островот Егина. Манастирот го посвети на Света Троица, а изградбата заврши во 1910 година. Исто така, основа и многу цркви и параклиси низ целиот остров. Во декември 1908 година, на возраст од 62 години, ја напушти функцијата директор, и се пресели во манастирот, каде што остана до крајот на својот живот, во длабоко тихување како монах. Додека се градеше манастирот, секогаш им помагаше на работниците, работејќи заедно со нив. Многу сакаше цвеќиња и дрвја. Се претстави пред Господ на 21 ноември 1920 година (во 22 часот), на 74-годишна возраст. Последните неколку години свети Нектариј боледуваше, и последните денови ги помина во болницата во Атина. Кога го пренесуваа од Атина во Егина, мирото непрестајно течеше од неговото чело. Сите беа вчудоневидени. Преблагиот мирис најпрвин се разлеа низ целата болница, па потоа и низ цела Егина. Во болницата, кога докторите дојдоа да го пресоблечат, случајно неговата кошула ја фрлија на соседниот кревет на кој лежеше парализиран човек. Во истиот момент кога тој се допре до кошулата на свети Нектариј, се излекува. На неговиот погреб присуствуваше многуброен народ. Пристигнуваа од секаде, за да се допрат до свети Нектариј. За Свететител е прогласен на 20 април 1961 година. Секој 22 ноември мноштво народ доаѓа во манастирот на свети Нектариј за да се поклони на неговите мошти.