Живот

Седум видови на болка кои не смеете да ги игнорирате

Лесните хронични болки се составен дел од животот на повеќето луѓе, но острите и изненадни болки се јасно предупредување дека нешто не е во ред со Вашето тело. Затоа, штом почувствувате интензивна болка, посетете го својот лекар.

Интензивна главоболка – острата прободувачка болка во главата може да биде знак на внатрешно крварење, предизвикано од прсната аневризма која за кратко време може да предизвика и смрт.

Болка во дното на грбот и помеѓу лопатките – причина за оваа болка е обично артритис, но другите опции вклучуваат и срцев удар и проблеми со абдоменот. Една од најголемите опасности е пукање на аортата. Затоа, ако подолго време патите од висок крвен притисок, а болката не проаѓа туку интензивно се зголемува, задолжително посетете лекар.

Неудобна болка во градите, рамената и рацете – неудобното чувство во градите e најчесто првиот симптом на срцев удар или подоцнежен симптом на воспаление на белите дробови. Воочено е дека пред појавата на срцев удар, се јавуваат болки во рамената, рацете и вилицата, проследени со краток здив и задишаност.

Запек и силни болки во стомакот – најчестиот причинител на интензивната болка во стомакот е воспаленото слепо црево, кое се наоѓа во десната половина од долниот дел на стомакот, помеѓу колкот и папокот. Доколку ова место е посебно чувствително на допир, побарајте лекарска помош.

Пецкање во стопалата – хроничното пецкање на стопалата често се јавува кај дијабетичарите, а може да биде предизвикано од недостаток на витамин Б, болести на бубрезите, слаба циркулација, болести на крвните садови и пореметена работа на тироидата. Прво што треба да направите е целосна проверка на крвната слика, а потоа со совет од Вашиот лекар да го пронајдете коренот на овој проблем.

Болка во листовите – една од помалку познатите опасности е длабоката венска тромбоза – крвно згрутчување кое најчесто се појавува во вените на нозете. Таквата тромбоза може да биде опасна по живот, доколку згрутчувањето се “ослободи и отпатува” до белите дробови или срцето. Првиот симптом на настанување на тромбозата е оток на листот, со кој постепено се јавува и болка.

Болка во стомакот пропратена со дигестивни нарушувања – доколку имате променлив апетит, чувствувате неудобност во пределот на абдоменот и имате проблеми со варењето кои траат подолго од две недели, задолжително посетете лекар. Ова се најчестите симптоми на разни видови карцином кои пациентите ги забележуваат, но најчесто не реагираат. Иако причините често можат да бидат безопасни, тоа не е нешто со кое треба да ризикувате.

Поврзани вести

Види и...
Close
Back to top button