Воскресение Христово – Велигден
Воскресение Христово
Откако слугите на првосвештениците израилски го фатија Исус и Го предадоа на Пилат со барање да биде распнат, а Пилат за да им угоди конечно така и пресуди иако не Му најде вина, Господ пострада со смрт на Крст. Висеше меѓу двајца разбојници, од кои едниот Го похули а другиот Го прослави, спасувајќи се со ова себеси за живот вечен. Во оној страшен миг неговите ученици се разбегаа како што Самиот им предрече; освен апостолот Јован Заведеев и мајка Му под Крстот, малку подалеку стоеја и неколку жени коишто последните години Му служеа со своите имоти. Покрај Него тогаш немаше други, освен непријателите и минувачите во неверие. Евангелието подробно пишува за смртта. Потоа Јосиф од Ариматеја, кој Му беше ученик, се осмели и го побара од Пилат телото за да го погребе. Го положија во еден нов гроб којшто Јосиф го имаше скроено во карпа. Го затворија влезот со камен и заминаа. За воскресението дознаа во мугрите во неделата, кога оние верни жени појдоа со миризливи масла на гробот за да Го помазаат телото, кое не Го најдоа. Веста ја прими прва Марија Магдалина и побрза да им јави на апостолите и тие не ? поверуваа. Петар и Јован самите се стрчнаа до гробот и го најдоа каменот одвален, а од телото лежеа оставени само повоите. По ова, кога се собраа заедно во куќата, Исус им се јави и разбраа дека воскреснал. Но им го отвори умот и за да ги разбираат Писмата. Им се јави и на Лука и Клеопа додека одеа во Емаус, но не Го препознаа веднаш. Срцата им гореа на сите.
Свети Никита Исповедник
Роден е во Витинија во градот Кесарија. Неговиот татко Филарет штом се лиши од својата сопруга се замонаши и Никита остана кај баба му, мајката на татко му. Откако порасна и заврши со изучувањето на науките појде во Мидикискиот манастир, каде што игуменот Никифор го потстрижа за монах, а по седум години подвиг патријархот Тарасиј го ракоположи за јеромонах. По смртта на Никифор и на Никитиниот верен другар Атанасиј, братството го избра Никита за игумен, а тој тоа го прими наспроти својата волја. Свети Никита им беше светол пример за живот и подвиг на браќата цела низа години. Но кога се зацари царот Лав V Ерменин, после благочестивата Ирина и правоверните цареви Никифор и Михаил, иконоборната ерес повторно се распали. Царот го симна патријархот Никифор и го испрати во прогонство, а на негово место го воздигна еретикот Теодот Каситер, човек со нечист живот. Беше затворен и мачен и Никита, но тој не се поколеба во Православието. Го носеа од затвор во затвор, го мореа со глад и со жед, со мраз и со пот и подбив. Но не даде да се расколеба. Особено му здодеваше еден Никола со потсмеви и навреди. Една ноќ на Никола му се јави неговиот покоен татко во сон и прекорно му рече: „Отстапи од Божјиот слуга!“ Од тој миг Никола се покаја и не само што повеќе не му здодеваше на светителот туку и другите ги одвраќаше да не му здодеваат. Кога царот Лав Ерменин загина со зла смрт, царството го презеде царот Михаил Валвос, а тој ги ослободи православните страдалници. Никита се повлече во едно осамено место близу Цариград, каде последните денови од неговиот земен живот ги помина во молитва и благодарење. Кога умре телото му го пренесоа во неговиот манастир. При оваа поворка мнозина болни коишто се допреа до неговото тело се исцелија. Моштите му беа положени до гробниците на неговиот духовен отец Никифор и другар му Атанасиј. Овој голем јерарх се упокои во Господ во 824 година.
Свети Павле Неволник
По потекло Русин. Во младоста заробен од Турците. Не сакаше да се потурчи и да ја предаде верата Христова, па го мачеа и го убија во Цариград во 1683 година.
Светиот маченик Улпијан
Момче од градот Тир. Мачен за Христа од началникот Урбан, мачителот на Св. Амфијан (2 април). Најпосле го врзаа во вреќа заедно со еден пес и една змија и го фрлија во морето. Пострада и се прослави во 306 година.