Религија

Свети Георгиј Кратовски, жив запален од Турците затоа што не сакал да се откаже од Христовата вера

На 24 по новиот и 11 февруари по стариот календар Светата православна црква го празнува денот на Свети Георгиј Кратовски кој на овој ден 1515 година во Софија бил мачен, а потоа жив спален, на 18 годишна возраст.

Житието вели дека Свети Георгиј Кратовски е роден во 1497 година во Кратово од родители Димитрија и Сара. По желба на родителите по завршувањето на училиштето пошол на кујунџиски занает кој во Кратово во тоа време бил популарен и поради рудниците. Набргу станал познат мајстор. Во тоа време турските власти собирале т.н. данок во крв, за пополнување на војската која напредувала кон Европа, правејќи војници – јаничари. За таа цел барале млади и способни деца. Знаејќи дека во Кратово нема да остане долго незабележан решил да замине во Софија, надевајќи се дека поголемиот град нуди повеќе можности да остане незабележан. Така преку Ќустендил, Радомир и Перник пристигнал во Софија. И тука поради способностите набргу се стекнал со углед и бил забележан и од Турците. Му биле понудени благодетите на царските власти под услов да ја смени верата и да го прифати исламот. Но Георгиј Кратовски без размислување го одбил поради што бил ставен во затвор. Ја бранел верата Христова поради што бил мачен, а потоа и спален на 24/11 февруари 1515 година. На 8 јуни (нов стил) моштите на Св. Георгиј Кратовски биле пренесени во црквата и овој ден светата православна црква го празнува како втор празник поврзан со името на овој светец.

На иконите Св. Георгиј Кратовски е претставен како голобрадо момче во кошула со крст во десната рака и маслинова гранка во левата. Над ореолот има напис: „Свети Георгиј кој настрада од Селим.“ Неговиот лик бил насликан во црквата „Св. Ѓорѓи“ во с. Патралица – кривопаланечко во манастирот „Студеница“ и др. места. Во црквата „Света Богородица“ во Скопје бил претставен со крст во десната и книга во левата рака. Од 17 век е сликан во национална носија. Култот на Св. Георгиј Кратовски од Македонија се проширил и во Србија, Бугарија и Русија.

Светиот свештеномаченик Власиј

Родум од кападокиската област. Богобојазлив и кроток уште од раното детство. Заради своите големи добродетели беше избран за епископ на градот Севастија. Во тој незнабожечки град Св. Власиј беше големо духовно светило. Во времето на тешкото гонење на христијаните Св. Власиј го храбреше своето стадо и ги посетуваше Христовите маченици по затворите, меѓу кои особено се истакнуваше славниот Евстратиј. Кога градот Севастија остана сосем без христијани – едни пострадаа, други побегнаа – тогаш старецот Власиј се повлече во планината Аргеос и таму се насели во една пештера. Дивите ѕверови го познаа светиот човек и се приклонија кон него и ги милуваше. Но гонителите го најдоа светителот и во неговото скривалиште и го поведоа да му судат. Патем Власиј исцели едно момче на кое му беше застанала коска во грлото; и на поплаката на една вдовица дека волкот ѝ го грабнал прасето направи со силата на својата молитва и волкот го врати украденото. Мрачните судии го мачеа жестоко, го биеја и го стружеа. Со својата непоколебливост во верата Свети Власиј многумина ги обрати кон Христа. Заедно со него беа затворени седум жени и две деца. Прво ги заклаа жените, а потоа и чудесниот Власиј со децата. Пострадаа и се прославија во 316 година. Народот му се моли на Св. Власиј за здравјето на добиците и за заштита од ѕверовите.

Света Теодора

Грчка царица, сопруга на злобниот иконоборен цар Теофил. По смртта на овој цар царицата Теодора се зацари со својот син Михаил III. Веднаш го воспостави иконопочитувањето на Соборот во Цариград во 842 година. Во таа прилика беше востановено и празнувањето на победата на Православието коешто оттогаш се врши во првата недела на Чесниот пост. Оваа света, за Црквата заслужна жена, Му ја предаде својата душа на Бога на 11 февруари 867 година. Во тоа време на потполно торжество на Православието над сите ереси, според прекрасната Божја Промисла меѓу Словените беа испратени Светите браќа Методиј и Кирил како христијански мисионери.

Поврзани вести

Back to top button