Живот

Девет причини зошто почесто треба да јадете риба

Нутриционистите препорачуваат редовно консумирање риба нагласувајќи колку е таа здрава, но и покрај тоа рибата не е често на менито кај многу семејства.

 

Издвојуваме девет причини зошто да јадете риба почесто:

1. Рибата има голема хранлива вредност, се препорачува за сите возрасти и подеднакво е корисна за здрави и болни лица. Широкиот спектар на разни видови риби го условува различниот начин на приготвување на рибата.

2. Рибата има ниска калориска вредност во однос на другите видови месо. Калориската вредност варира, од  бела риба (70-200 калории на 100 грама) до сина риба (од 120-200 калории на 100 грама), затоа е идеална во исхраната на оние коишто се борат со вишокот килограми. Како и кај останатите продукти, конечната калориски вредност пред консумирањето зависи од начинот на приготвување. Доколку рибата се пржи или похова, содржината на масти и калории значајно ќе порасне. Додека печењето и варењето се поздрава опција со понизок внес на калории.

3. Протеините во рибата ги содржат сите есенцијални амино киселини кои се неопходни за раст и развој и правилно функционирање на човековиот организам.

4. Вид на масни киселини кој се наоѓа во изобилство во сината риба ги штити срцето и артериите. За разлика од другите видови месо, рибата содржи полинезаситени масни киселини како што се омега-6 и омега-3 масна киселина. Омега-3 масните киселини што се наоѓаат во рибата имаат улога во спречувањето и лекувањето на кардиоваскуларните болести како што е инфаркт на миокардот и цереброваскуларните нарушувања. Во повеќето случаи, споменатите заболувања настануваат како последица на атеросклерозата, што е наталожување на масните наслаги на ѕидовите на крвните садови и губиток на нивната еластичност. Консумирањето риба го зголемува „добриот“ холестерол (ХДЛ), а го намалува „лошиот“ холестерол (ЛДЛ) и триглицеридите.

5. Различните хранливи материи што се наоѓаат во рибата помагаат во превенцијата на забалување на зглобовите и коските, и на штитната жлезда. Консумирањето на поситни риби кои се јадат со коските (на пример, сардините) е добар извор на калциум. Истиот обезбедува поздрави коски, додека неговиот недостиг води кон остеопороза. Морксата риба и морските плодови се одличен извор на јод, кој е неопходен за правилно функционирање на штитната жлезда. Најдобар извор на јод се: морските плодови, лососот, бакаларот, конзервите со туна, сардините и школките.

6. Во рибата се наоѓаат сите хранливи материи кои неизоставно влегуваат во процесот на растот и развојот, како што се протеини, омега-3 масни киселини, калциум, цинк, јод, витамини од групата Б, А, Д и E.

7. Рибата е исклучително лесна за варење. Ова е резултат на структурата на нејзините мускулни влакна и мала содржина на колаген. Како таква е идеална во исхраната за болни од гастритис, улцерозен колит, диспепсија или  гастроезофагеален рефлукс (ГЕР).

8. Неодамнешните истражувања покажале доколку барем еднаш неделно јадеме риба ни помага да ја зачуваме сивата материја во мозокот, која е задолжена за меморија и когнитивните функции, со што се намалува можноста од добивање Алцхајмерова болест.

9. Честото консумирање риба несомнено го продолжува животот и го подобрува неговиот квалитет.

Поврзани вести

Back to top button