Калифорниски затвореник призна во писмо испратено до медиумите дека до смрт претепал двајца други затвореници со стап.
41-годишниот Џонатан Вотсон призна дека на 16-ти јануари убил двајца затвореници во центарот за лечење од зависност во рамките на затворот во Коркоран. Затвореникот Дејвид Боб починал истиот ден, а Грехам Де Луис-Конти три дена подоцна во болница. И двајцата отслужувале доживотна затворска казна поради сексуални напади на деца помали од 14 години.
Вотсон открил дека шест дена откако стигнал во затвор, пристигнал и еден од злоставувачите на деца. Вотсон бил уверен дека човекот започнал да ги присилува и другите затвореници да гледаат детски програми на телевизија. Вотсон во писмото открил дека не можел да спие таа ноќ затоа што „не го направил тоа што му говорел инстинктот дека требало да го направи во истиот момент“.
Истиот ден, два часа пред нападот, Вотсон му рекол на затворскиот службеник итно да го префрли во одделот со повисоко ниво на безбедност „пред да ги претепа двајцата педофили“, но советникот го одбил тоа.
„Кога дојде првиот педофил, веднаш на ТВ пушти детска програма, а некој од другите затвореници искоментира дека не му се верува дека тој човек навистина ќе гледа детска емисија пред другите. Јас му реков дека ќе се погрижам за тоа. Зедов стап и го нападнав“, признава Вотсон.
Потоа побарал стражар за да пријави што направил, но по пат го сретнал вториот педофил кој бил криумчар на деца и помислил дека на сите треба да им направи услуга, па и него го претепал. Кога на стражарот му кажал што направил, на почетокот не му верувал, се додека не го забележал метежот во затворот.
Вотсон сега е сместен во самица додека трае истрагата, а се уште не е поднесено обвинение.
„Со оглед на тоа што отслужувам доживотна казна, немам што да изгубам. Верувајте ми, овие луѓе биле ноќна мора за сите родители“, изјави Вотсон.