Запленет кокаин во вредност од 850 милиони евра, уапсени двајца Тунижани, Италијанец, Албанец и Французин
Италијанските власти заплениле рекордно количество од 5,3 тони кокаин во близина на јужниот брег на Сицилија, кој шверцерите се обидувале да го префрлат од еден на друг брод, соопшти денеска полицијата. Вредноста на пратката се проценува на 850 милиони евра. Пет лица се уапсени, се вели во соопштението на италијанската финансиска полиција.
Полицијата го следеше бродот кој исплови од Јужна Америка и стигна до италијанскиот брег во средата рано наутро.
Во исто време, леталото за надзор ги забележало пакетите кои шверцерите ги фрлале од палубата во водите на сицилијанскиот теснец, каде требало да ги превземе рибарски брод кој ја чекал пратката.
Бродот бил запрен, а полицијата во скриена преграда пронашла поголема количина дрога. Уапсени се двајца Тунижани, Италијанец, Албанец и Французин.
Претседателот на јужниот сицилијански регион, Ренато Шифани, ја пофали операцијата, велејќи дека операцијата им нанела огромен удар на трговците со дрога.
– Дрогата е зло за нашето општество, а нејзиното ширење го поттикнуваат бескрупулозните луѓе кои сеат смрт и уништуваат многу семејства, рече тој.
Во април, италијанската полиција откри речиси два тони кокаин како лебдат во водите во близина на источна Сицилија. Се претпоставува дека таму бил оставен од товарен брод за да го подигнат шверцери.