Второодделенците Тео и Тони и оваа година домашна ќе пишуваат на училиште оти дома нема струја
7-годишните близнаци Тони и Теодор денеска тргнаа во второ одделение. Имаат нови патики, ранци и тетратки, ама ги добиле како подарок од хумани граѓани. Близначињата живеат со нивната баба во трошна куќичка во селото Долно Лисиче. Четири години се без струја, а лани, кога биле првачиња домашната ја пишувале на училиште, оти дома тоа ќе требале да го прават под свеќа. Бабата нема никакви примања, не добива ниту социјална помош, а нејзиниот сопруг и покрај тоа што бил слеп на едното око заминал на печалба во странство за да им обезбеди подобра иднина на внучињата.
Семејството Зафировски моли за помош. Мебелот е стар, купатило нема, а институциите ги заборавиле. Помош имаат од селската црква, за храна се снаоѓаат од денес за утре. Баба Станка во солзи ги моли надлежните да и обезбедат социјална помош за да можат Тео и Тони, како и другите деца, да имаат основни услови за живот.
И покрај тешкото секојдневие, близнаците се весели дечиња кои денеска се радуваа на првиот училишен ден. Ни се пофалија со новите патики, се поздравија со нивната баба и заминаа на сред село да си играат со другарчињата.
Биљана Божиновска за Алфа