ВИДЕО: Змија во центарот на Скопје
Топлото време и високата влажност на воздухот ги привлече змиите да излезат од своите скривалишта во потрага по храна. Како резултат на тоа, на неколку локации во Скопје, во изминативе неколку денови се забележани змии како лазат по тротоари, низ трева или, пак, едноставно се кријат во повисоките грмушки.
Фотографијата која е објавена беше споделена на инстаграм профилот на поренашната водителка Снеже Велков и е направена на кејот во центарот на Скопје, во непосредна близина на зградата на Основното јавно обвинителство.
Освен фотографија таа на својот инстаграм профил апелира до граѓаните да бидат внимателни. Велков напиша дека се обидела да стапи во контакт со надлежните градски и државни институции, но за жал никаде не добила конкретен одговор или ветување дека ќе се реши проблемот.
Познавачите на влекачите велат дека нормално е кога змиите се будат од зимски сон во потрага по храна да се симнат и во градот, особено во периферните делови на градот. Од април до јуни им е периодот на парењето, но според познавачите, тоа воопшто не ги прави поагресивни. Во нашата земја постојат 16 различни видови змии, но за среќа само три вида отровни змии.
Доколку граѓаните забележат змија во своја непосредна околина, се препорачува да ја заобиколат во што е можно поширок круг и да не ја фаќаат во никој случај.
Исто така, за да се намали појавата на овој вид влекачи во Скопје, се препорачува редовно одржување на градското зеленило.