Трошоците за превоз на учениците во Кочани се намалуваат за една третина – Заштедените пари ќе бидат инвестирани во образованието
За една третина се намалуваат расходите што локалната самоуправа на Кочани ќе ги плати за бесплатниот превоз на учениците во претстојната учебна година.
Јавна тајна е дека голем број од општините во договор со превозниците ги „напумпуваат“ трошоците за бесплатниот превоз на учениците и со тоа за сметка на некој бизнисмени го оштетуваат буџетот на општините и со тоа буџетот на Република Македонија.
Прва општина која реши да ја укине ова негативна пракса е Општина Кочани.
За една третина се намалуваат расходите што локалната самоуправа на Кочани ќе ги плати за бесплатниот превоз на учениците во претстојната учебна година.
Со измените во условите за услугата и начинот на пресметување на трошоците за неа, од општината очекуваат во буџетот да се заштедат околу пет милиони денари, со што ќе се обезбедат пари за покривање на другите давачки во образованието.
-Од наредната учебна година општината ќе плаќа само за реално превезени ученици, наместо досегашната практика превозникот да добива пари за вкупниот број пријавени ученици што бил внесуван во договорот. Со тоа ќе се избегне обврската да се плаќа за ученици кои воопшто не присуствувале на настава или пак користеле друг транспорт за доаѓање и заминување од училиштето. Заштедата што ќе се направи на овој начин не е мала и парите ќе ги вложиме за реконструкција на санитарните јазли и подобрување на хигиената во училишните објекти, истакна Николчо Илијев, градоначалник на Кочани.
Според Илијев, најдобар потврда дека новиот начин на пресметка на трошоците за превоз е што само во средното училиште „Гошо Викентиев“ за услугата ќе се платата над 3,5 милиони денари помалку во споредба со лани.
Досегашниот начин на договарање на бесплатниот превоз на учениците создаде огромни обврски кон превозникот што достигнаа над 43 милиони денари, поради што Општината беше принудена да бара долгот да се исплаќа постепено за да не се блокира нејзиното работење.
Инаку за само девет месеци Општина Кочани успеа да ги врати сите долгови со што е надмината заканата за блокирање на сметката.
На свечената седница на Советот, градоначалникот Николчо Илијев реферираше за сработеното во изминатиот период, при што нагласи дека разрешувањето на задолженоста се случува првпат по скоро една деценија работа на локалната самоуправа.
– Еден од главните приоритети по преземањето на локалната власт ни беше да го вратиме наследениот долг од 76 милиони денари на основниот буџет и ако пред девет месеци стравувавме за начинот на негово сервисирање, денес гордо можеме да кажеме дека преку политиката на контрола на сите трошоци, финансиски ја консолидиравме Општината. Во моментот Кочани е една од ретките општини во регионот без долгови со салдо на сметката што е незамисливо за годините пред нас, истакна градоначалникот Илијев.
Водејќи се од начелото на транспарентност во јавните набавки, Илијев даде конкретен пример за заштеда преку строга контрола на трошоците, при што од првично планираните 11 улици за 2018 година, со ист паричен износ во моментот се градат 16 улици во сите населени места и во градот Кочани.
Посебен акцент Илијев стави на владеењето на правото, како една од основните заложби на оваа локална власт, а во делот на инспекциските служби најави зајакнување, се со цел да може соодветно да се одговори пред законите и прописите.
Детално, работењето во изминатиот период, градоначалникот Николчо Илијев го прикажа низ видеоматеријал.