Терорист од Брисел: „Секаде ме бараат, никаде не сум сигурен“
По терористичките напади вчера во Брисел, полицијата денес го пронајде компјутерот што му припаѓал на Ибрахим Ел Бакрауи на кој е оставена неговата последна порака, пренесуваат медиумите.
– Секогаш во бегство, не знам веќе што да правам. Секаде ме бараат, никаде не сум сигурен. Ако уште чекам, ќе завршам во затворска ќелија – пишува во пораката од која може да се наслути дека него го уплашило апсењето на Салах Абдеслам, напаѓачот од Париз, и го натерало да го изврши терористичкиот чин.
Ибрахим Ел Бакрауи беше идентификуван како еден од двајцата напаѓачи самоубијци од аеродромот во Брисел, потврдија белгиските обвинители.
На фотографијата од камерата за надзор на која се гледаат тројца мажи осомничени за нападот, тој се наоѓа во средината каде што може да се види дека носи црна ракавица за да го скрие детонаторот.