РелигијаТоп

Светиот свештеномаченик Партениј, патријарх Цариградски, Турците прво му нудеа да се потурчи, а кога тој одлучно ги одби, го обесија

Светиот свештеномаченик Партениј, патријарх Цариградски

Родум од островот Митилена. Подолго време беше хиоски епископ. Потоа го избраа за патријарх. Но заради извесни лажни достави дека работи против државата, Турците прво му нудеа да се потурчи, а кога тој одлучно ги одби, го обесија во 1657 година.

Тропар
Тагата наша во радост се претвори, о Господи, кога возљубениот пастир Партениј Небесата го прослави. Закрепнат од благодатта, достоен Христов до крај остана, молејќи се за оние кои пребиваат во смртна сенка. По неговите молитви и нас удостој н? до рајските предели да стигнеме.

Свети Артемон, епископ Селевкиски

Роден и воспитан во Селевкија. Кога Св. апостол Павле дојде во тој град го виде Артемон, уште повеќе го утврди во верата во Христа и го постави за епископ на Селевкија. Артемон управуваше со словесното стадо Христово со љубов и со ревност, беше лекар на човечките души и тела и во вечноста се пресели во длабока старост.

Тропар
Од Павле светиот апостол поставен да го пасеш духовното стадо Христово, светол Артемоне, на сите им стана спасоносно пристаниште, вдовиците и сираците ги утешуваше, сиромавите згрижуваше и името Господово го прославуваше. Моли се, свети епископе, и ние да стигнеме до мирното пристаниште каде светиите Го слават еден Бог во Пресвета Троица.

Преподобен Јаков Исповедник

Беше монах на Студитскиот манастир. Пострада за иконите од царот Лав Ерменин. Кога великиот Теодор Студит беше во ропство, Јаков го фрлија во големи маки за да се одрече од иконопочитувањето. Но тој остана истраен и верен на Православието докрај. Избиен и измачен го вратија назад во манастирот, а тогаш злобниот цар најде зол крај на својот живот. Преподобен Јаков умре во манастирот од тешките повреди стекнати при страдањето.

Тропар
Светлината Тивка на Светата Слава те поведе тебе, Јакове, до восхитување на умот твој, до Богомислие кое тишината ја надминува, и ти стана исповедник, маченик и светител, кој за нас се моли со молитва недремлива, непрестана, пред Оној на Кој му пеат: „Свет, Свет, Свет Господ Саваот“.

Спомен на чудото во Печерскиот манастир

Двајца другари, Јован и Сергеј, се побратимија пред иконата на Пресвета Богородица во овој манастир. Јован беше богат човек и имаше петгодишен син Захарија. Јован се разболе и пред смртта својот син го предаде на старателство кај Сергеј, на кого што му остави на чување прилично количество злато и сребро, со тоа што да му биде врачено на Захарија кога ќе порасне. Но кога порасна Захарија, Сергеј одрече дека примил било што од умрениот Јован. Тогаш Захарија му побара да се заколне пред истата онаа икона на Пресвета Богородица пред којашто влезе во братство со неговиот покоен татко Јован, а вети дека потоа тој не би барал од него ништо. Сергеј се согласи. Но кога се заколна, сакаше да пријде да ја целива иконата, само што некоја сила го држеше на растојание и не му допушташе. Тогаш почна бесомачно да вика: „Свети отци, Антониј и Теодосиј, не пуштајте да ме погуби овој немилосрден ангел!“ По Божјо допуштение беше нападнат од демонот. По ова Сергеј му ги покажа на Јовановиот син сите пари што ги наследи од таткото. Кога отворија пак, ја најдоа онаа сума удвоена, како што по Божја Промисла се имаше удвоено сама од себе. Штом ги прими парите Захарија му ги даде на манастирот, а самиот таму се потстрижа за монах, проживеа долго и се удостои со големи духовни дарови. Мирно се упокои во Господ.

Преподобен Захарија

Син на Карион Мисирецот, којшто ги остави жената и децата и се замонаши. Захарија го зеде кај себе неговиот татко, бидејќи мајка му не можеше да го прехрани. Иако многу помлад од многумина старци во Скитот, се здоби со многу поголеми благодатни дарови од многумина меѓу оние старци. Од благодатта Божја чувствуваше како му гори целата внатрешност. На прашањето на Св. Макариј кој е вистински монах, Захарија одговори: „Оној којшто непрестајно се принудува себеси на заповедите Божји“. А на прашањето на авва Мојсеј што значи да се биде монах, Захарија ја симна камилавката, ја изгази со нозете, па рече: „Ако човекот не се смири не може да биде монах!“ Беше големо светило меѓу монасите во пустината и млад се упокои во Господ.

Тропар
Радувај се, свети оче Захарие, тебе Христос небесните врати ти ги отвори, откако подвигот твој благодатен скалило постана кон Горниот Ерусалим, и пак радувај се смирение на монасите, кој со молитви и молчание страстите ги растопи и во кал ги претвори, изгазени од трпението кое ангелското го надмина. За нас сега моли се, преподобен подвижниче, од вишното Небо Небесно.

Поврзани вести

Back to top button