РелигијаТоп

Светиот свештеномаченик Фока, епископ Синопски, Христов маченик го заврши земниот живот и се пресели во радоста на својот Господ

Светиот свештеномаченик Фока, епископ Синопски

Од младоста се подвизуваше во сите христијански добродетели. Како епископ во местото на своето раѓање, во градот Синопа на брегот на Црното Море, со пример и со Божествени зборови ги утврди правоверните во верата, а мнозина идолопоклоници ги обрати во вистинитата вера. Закоравените незнабожци се исполнија со гнев кон Свети Фока. Господ му укажа на Фока за неговото маченичко кончание преку едно видение. Имено, тој виде светол гулаб како слетува од небото носејќи во клунот прекрасен венец од цвеќиња и како го спушта врз неговата глава. И чу Фока глас од гулабот: „Твојата чаша се наполни и треба да ја испиеш.“ Од тоа видение Божјиот угодник дозна дека наскоро треба да пострада за Христа. И не се уплаши, туку со благодарност кон Бога се подготвуваше за мачеништвото. Наскоро по ова некој кнез Африкан го подложи Фока на маки, му го испретепа и му го изнарани телото, го остави во затвор, а потоа го фрли во зовриена вода, во којашто храбриот Христов маченик го заврши земниот живот и се пресели во радоста на својот Господ. Пострада во времето на царот Трајан.

Тропар
Го подготви срцето твое, Фоко свештеномачениче за Господа, и ниедна стихија земна не ја допре верата, која ти на Него ја положи, ниедно мудрување човечко ревноста не ја намали, венценосецу на кого Небото видливо рака положи. Радувај се и за нас моли се благодетен Божји угодниче.

Светиот пророк Јона

Живееше повеќе од 800 години пред Христа. Во неговото житие се вели дека тој бил синот на онаа вдовица во Сарепта Сидонска на којашто пророкот Илија ? го воскресна синот од мртвите. Со своето тридневно пребивање во утробата на китот Св. Јона е предобраз на тридневното пребивање на Христос во гробот, а со неговото спасение – го изобрази Воскресението на Господ од мртвите. Другото запишано за овој прекрасен пророк треба да се прочита во Книгата на пророкот Јона (Стариот Завет).

Тропар
Јона, пророкот Божји, денес го прославуваме о, верни, преку него ја видовме милоста Негова, Оној Kој човекот го создаде, Тој и го љуби. Kако дете Јона Бог го воскресна, како возрасен во познание беше приведен, о, Христе на Твоето триденевно во земја престојување. Пророче, ти кој стана труба која на покајание повикува, моли се своите гревови да ги препознаеме, и со пост и молитва кон Христа да припаднеме.

Светиот маченик Фока Градинарот

Тој е сограѓанин на свештеномаченикот Фока. Во Синоп близу Црното Море Фока имаше градина којашто самиот ја обработуваше. Со плодовите на својата градина ги гостеше сите минувачи, а не пропушташе ни да им ја нагости душата со словото Божјо. За него слушна кнезот мачител на христијаните и испрати војници да го убијат. Фока ги нагости војниците толку срдечно, што тие се стеснуваа да го убијат. Но на негова молба тие ја извршија заповедта и му ја отсекоа главата. На тоа место, а врз неговите чудотворни мошти, наскоро е подигнат храм посветен на неговото име. Свети Фока го почитуваат особено морнарите, а го повикуваат на помош сите патници по море. Пострада во 320 година.

Тропар
Плодови на ревноста твоја принесе пред Господа, а Он плодови на љубов во тебе умножи, духовни бисери кои на дар доби, на дар ги раздаде: радост, мир, трпение, добрина, милосрдие, кротост, воздржување, о Фоко Божји угодниче. Моли се за нас морепловецу и твоите молитви нека те водат, со Бога помирени во Царството Небесно.

Преподобен Козма Зографски

По потекло од благородничко бугарско семејство. Кога родителите сакаа да го оженат, побегна на Света Гора. Пустиник и чудотворец. Се подвизуваше во пештера близу манастирот Зограф. Повеќепати му се јави Пресвета Богородица. Тој е најголемиот зографски подвижник и чудотворец. Страшната келија во којашто се подвизуваше и се бореше со демоните и денес постои северозападно од манастирот Зограф. Беше проѕорлив со духот и ги опишуваше настаните што се случуваа на далечина во времето и просторот. Се упокои на старост, на 22 септември 1323 година и после живот во многу трудови се пресели во радоста на својот Господ.

Свети Петар Милостив

Божји угодник од 4 век.

Тропар
Благословен е милосрдниот Бог, о Петре свет покајниче, милоста Негова е од век до век за оние кои на Него се надеваат, полагајќи ја душата нивна заради Царството Небесно. Радувај се, светителу, радувај се милосрден Христов робу, и за нас моли се, трпението и смирението твое да бидат залог за нашето спасение.

Свети Јона презвитер

Таткото на Св. Теодор Начертани и на Св. Теофан, писателот на каноните. Чудотворец. Се упокои во манастирот на Св. Сава Осветен во 9 век.

Тропар
Светило запалено пред Господа, дрво плодородно кое плодови дава навреме, крошно од чии молитви и солзни капки денес се напојуваме, Јоно Божји угодниче, испрати утробата твоја при Христа рожба достојнославна и не се посрами љубовта која нозе Господови целива, туку и денес за нас моли се, пред Спасителот на вечноста.

Поврзани вести

Back to top button