РелигијаТоп

Светиот маченик Марко овчар, пастир на овци и ѕверови, верен на Христа до крај остана

Преподобен Харитон Исповедник

Угледен и благочестив граѓанин во градот Иконија. Задоен со духот на својата сограѓанка Текла, Харитон јавно го исповедаше името на Христос. Кога почна лутото гонење на христијаните во времето на Аврелијан, Харитон веднаш беше изведен на суд пред хегемонот. Судијата му рече да им се поклони на боговите (т.е. на идолите), на што Харитон му одговори: „Сите ваши богови се бесови, коишто се струполени негде заради гордоста во најкрајната темнина.“ И Светиот Харитон јасно ја објави својата вера во Единиот жив Бог, Создателот на с ? , во Господ Исус, Спасител на сите луѓе. Тогаш хегемонот нареди и го биеја и го измачуваа телото на Харитон во толкава мера што целото тело му го прекрија со рани, така што целото беше како една рана. После ненавидната смрт на Аврелијан, којашто во тоа време го постигна злосторникот, Харитон беше ослободен од маките и од затворот. Тој тогаш се упати во Ерусалим. На патот го фатија разбојници, од кои по Божја Промисла се ослободи. И не сакаше повеќе да се враќа во Иконија, туку се повлече во Фаранската пустина, каде што основа обител и собра многубројни монаси. Откако ? даде типик на оваа обител и сакајќи да ги одбегне човечките пофалби, тој се оддалечи во една друга пустина кон Ерихон, каде повторно со време беше основана друга обител, наречена Харитонова. Најпосле основа и трета обител, наречена Сукиска или на грчки Стара Лавра. Се упокои во длабока старост и се пресели во славата на својот Господ на 28 септември 350 година. Неговите мошти почиваат во неговата прва обител. На Св. Харитон му го припишуваат составот на чинот за монашки потстриг.

Тропар
Пустината во срцата на твоите ученици процвета, о, свети мачениче Харитоне, исповедниче на живата вера во Христа Бога, Спасителот по твоите молитви вода жива за нас постана, застапи се о, ти цвету пустински миомирисен, мирот Христов во тебе, да се слее во нашите души.

Светиот пророк Варух

Ученик и верен пријател на великиот пророк Еремија. Им го прорече на Евреите враќањето од вавилонското ропство, потоа пропаста на Вавилон и доаѓањето на Божјиот Син на земјата. Се мисли дека е убиен од Евреите во Мисир како што беше пророкот Еремија, во 7 век пред Христа.

Тропар
Тагата твоја поради неразумието човечко мноштво молитви источи од срце и душа кон Господа, о Варух, слуго на Севишниот, очи во темнина на бездна се спуштија, оплакувајќи ја бедата на човековата суета, но срце во Бога остана, надеж имајќи во Силата Која простува. Спомни си сега за нас, кои на Господа се надеваме, по твоите свети молитви спасение да добиеме.

Светиот маченик Марко овчар

Во времето на Диоклецијан некој Магн, антиохиски хегемон, појде со војниците во лов. Гонејќи некаква ѕверка војниците видоа дека ѕверката му прибегна кај овчарот Марко, којшто овде го чуваше своето стадо. И почна ѕверката да се умилкува околу Божјиот човек Марко. Кога го видоа тоа, триесеттемина војници поучени од Марко поверуваа во Христа. Хегемонот го врза овој човек, го одведе в град и ги повика тројцата браќа ковачи: Александар, Алфеј и Зосим, на кои им порача да направат мачителски справи за Марко. Но тие сите тројца позборуваа со Свети Марко и од него ја примија верата Христова, па му ја откажаа нарачката на хегемонот. Хегемонот ги осуди на смрт и нареди, па им ставаа во устата топено олово. А на Св. Марко потоа му беше отсечена главата и положена во храмот на Артемида, од што тој храм со Божја сила се сруши.

Тропар
Пастир на овци и ѕверови, верен на Христа до крај остана, а Он благодатно милувајќи те, преку тебе мноштво срца човекови скроти: војници вера во Бога утврдија, Александар, Алфеј и Зосим со волја цврста Господа Го следеа на Голгота, Никон, Неон и Илиодор кон Главата на сите се присоединија. Мноштво деца и девственички глас мачителен кон Небото подигнаа. По нивните свети молитви и ние повикуваме: Господи, почуј и помилуј.

Светиот маченик Вацлав, крал чешки

Внук на Света Људмила. Иако крал, се подвизуваше во верата слично на големите подвижници и го утврдуваше Православието кај својот народ. Строго внимаваше на суд да не пострада некој невин. Заради ревноста кон Христа и љубовта кон ближните Св. Вацлав купуваше незнабожечки деца од оние што беа продавани како робови и веднаш ги крштеваше и ги воспитуваше како христијани. Го преведе Евангелието по Јован на чешки јазик. Ги пренесе моштите на Свети Вит и на својата баба Света Људмила во Прага. Неговиот брат Болеслав го повика на гости и го уби на својот дворец. Веднаш потоа Болеслав почна да води Германци за свештеници и да воведува служба на латински јазик. Свети Вацлав пострада во 935 година. Моштите му почиваат во Прага.

Поврзани вести

Back to top button