Светите бесребреници Козма и Дамјан
Лекари, бесребрници и чудотворци. Овие двајца Светители беа родени браќа, родум од Рим, уште како деца крстени и воспитани во христијански дух. Имаа голема благодат од Бога да ги лечат луѓето и животните од секоја болест и мака, и тоа со едноставно полагање на рацете врз нив. За својот труд не бараа никаква награда, од болниот бараа единствено да поверува во Господ Исус Христос. Наследија голем имот, но го раздадоа милостиво на бедните и неволните. Во тоа време во Рим царуваше царот Карин. Пред него гонителите на христијанството ги доведоа овие свети браќа оковани во синџири. По долго испрашување царот им нареди да се одречат од Христа, а да им принесат жртви на идолите. Но Козма и Дамјан не само што не го послушаа царот туку уште и му посоветуваа и самиот да отстапи од мртвите идоли и да Го признае единствениот вистински Бог. „Нашиот Бог не е создаден, туку е Создател на с ? , а вашите богови се човечки измислици и дела од рацете на уметниците. И да ги немаше уметниците да ви ги направат тие богови, вие не би имале пред што да се поклонувате.“ После чудото извршено над самиот цар – бидејќи чудесно го исцелија од една тешка мака – царот и самиот ја изјави својата вера во Христа и ги пушти браќата во мир. А тие продолжија да Го слават Господа и да исцелуваат болни, а и самите беа од народот прославувани на сите страни. Им позавиде на славата еден лекар, којшто некогаш им беше учител и под изговор заедно да појдат да берат лековити билки ги однесе в планина, па ги уби со камења. Чесно пострадаа за верата Христова во 284 година. Нивниот спомен остана траен во Црквата на земјата, а душите им се преселија во Царството Божјо, за да живеат вечно во слава и радост.
Тропар
Светите бесребреници Кузман и Дамјан
Свети бесребреници и чудотворци, Козмане и Дамјане, нашите слабости посетете ги, дарови добивте, дарови дајте ни.
Преподобниот патрициј Петар
Овој светител беше цариградски благородник и војвода во времето на царот Никифор. Во една од војните со Бугарите царот Никифор беше убиен, а Петар со педесетмина грчки војводи и кнезови беше заробен и фрлен во затвор. Од затворот чудесно го ослободи Свети Јован Богослов. Тогаш тој ја презре целата светска слава, си ги остави жената и синот и се оддалечи на гората Олимп, каде што како монах и ученик на Свети Јоаникиј Велики се подвизуваше триесет и четири години. После смртта на жена му и на син му, се насели во Цариград, каде што во пост и во молитва помина уште осум години и се упокои во Господа во 865 година, во седумдесет и седмата година од неговиот живот.
Светиот маченик Потит
Тринаесетгодишно момче родум од Сардинија. Претрпе многу маки за Христа и од татко му и од гонителите на христијанството. Убиен е со меч во времето на царот Антонин (138 г. – 161 г.). Претходно ја исцели и ја крсти царевата ќерка Агнија.