РелигијаТоп

Светата маченичка Анисија: О, лажен животу на младите, зашто или соблазнуваш или се соблазнуваш

Родена е во Солун од угледни и богати родители, воспитана во Христовата вера. Рано остана сираче и целата се предаде на богомислие и на молитва во својот дом. Побудувана од Христовата љубов, често велеше: „О, лажен животу на младите, зашто или соблазнуваш или се соблазнуваш. Подобра е староста, но тага ме обзема заради должината на времето коешто ме дели од небесните“.

Потоа сиот свој имот го продаде и им го раздаде на сиромашните, а самата живееше од трудот на своите раце. Држеше строг пост, спиеше многу малку и непрестајно лееше солзи на молитва. Кога ќе ја совладаше сон, си велеше себеси:

„Опасно е да се спие кога мојот непријател бдее“. Во тоа време свирепиот цар Максимијан издаде проглас дека секој може да убие христијанин кога ќе го сретне, без суд и осуда. Еднаш оваа света девојка излезе за да оди в црква. Тој ден беше незнабожечки празник на сонцето. Некој војник ја виде убава во лицето, па ѝ пријде со нечиста желба и ја праша за името. Таа се прекрсти и му рече: „Јас сум слугинка Христова и одам в црква“. Кога дрскиот војник ѝ пријде поблиску и почна да ѝ зборува безумни нешта, таа го оттурна и му плукна во лицето. Војникот ја удри со меч под ребрата и ја прободе. Оваа Света девица пострада во 298 година. Христијаните ја погребаа чесно, а Бог ја овенча со маченички венец во Своето Царство. Над нејзиниот гроб подигнаа црква.

Нејзините свети мошти се наоѓаат во храмот „Свети Димитриј“, во Солун.

Поврзани вести

Back to top button