Светата маченичка Акилина
Од селото Закливери во Едренската епархија, осумнаесетгодишна девојка. Татко и се потурчи, па ја присилуваше и нејзе. Но мајка ? ја поддржуваше во Христовата вера. После многу мачења, целата во крв и рани, издивна на рацете на својата мајка и прими венец на мачеништво на 27 септември 1764 година.
Тропар
Вистинска ќерко на Царот Небесен, непоколеблива девственичке Христова, моли се за нас света маченичке, која верата ја сочува насмевнувајќи се пред лагата демонска, и разобличувајќи ја паднатоста човечка, која не верува во вечноста на Небесното Царство.
Светиот маченик Калистрат
Родум од Картагена. Христијанин од раѓање, зашто татко му и дедо му беа христијани. Еден од предците на Калистрат, Неокор, служеше како војник во Ерусалим кај Пилат Понтиски во времето на страдањето на Господ Исус. Ги виде многубројните чуда Христови и поверува во Него, па беше научен на верата и крстен од апостолите. Кога се врати дома, Неокор им ја донесе на своите Христовата вера како драгоцен бисер. Така по време и Св. Калистрат беше роден, крстен и воспитан како христијанин. Кога беше во војска во неговиот полк повеќе немаше ниеден христијанин освен него. Некои од неговите другари го видоа Свети Калистрат како станува ноќе и Му се моли на Бога, па го пријавија кај војводата Персентин како христијанин. А Персентин беше лут мачител на христијаните. За да се увери дали е Калистрат навистина христијанин, војводата му нареди да им принесе жртва на идолите, од што Клаистрат веднаш се откажа. Тогаш многу го биеја и го фрлија во морето. Но Божјата сила го спаси и тој излезе здрав од морето. Гледајќи го трпењето на Клаистрат и неговите чуда, четириесет и девет војници поверуваа во Господ Исус Христос. И тие беа биени и фрлени во затвор заедно со Калистрат. Во затворот Св. Калистрат ги научи своите другари на верата и ги укрепи. И тие покажаа голема мажественост во страдањето, а Господ покажа голема сила на нив. Свирепиот мачител испрати војници во затворот ноќе и ги убија Св. Калистрат и неговите четириесет и девет другари. Пострадаа за вистината во 304 година. Врз нивните мошти подоцна е подигната црква.
Тропар
Оној Кој сака сите да се спасат и да дојдат до познание на вистината, тебе Калистрате, саду на верата беспрекорна, те постави пред сите како украс на благодатта, преку тебе небесата мноштво воини придоби, и Црквата со нови венци се закити, застапи се за нас сега о, Христов мачениче, да пристигнеме во небесните дворови.
Светите апостоли: Марко, Аристарх и Зинон
Од Седумдесеттемина. Свети Марко поинаку е наречен Јован. Во куќата на неговата мајка Марија во Ерусалим Светите апостоли се собираа на молитва (Дела 12, 12). Тој го проповедаше Евангелието заедно со апостолите Павле и Варнава (Дела 12, 25). Потоа беше епископ во градот Вивлос. Свети Аристарх му беше сопатник на Св. апостол Павле (Дела 16, 29), беше епископ во Апамеја Сириска. Свети Зинон или Зина, наречен од апостолите законик (Тит 3, 13), беше епископ во Лид Палестински. Блескаа како ѕвезди во темнината на незнабоштвото и мнозина обратија во верата Христова. А сега блескаат во Царството на љубениот Христос.
Тропар
Мил на Господа, молитвите твои непрестајно се примаа на Небеса, а благодатта ти подарена исцеление даваше на верните од самата сенка на телото твое, о Марко Апостоле, Божји угодниче, а нам прибежиште, кој пред Христа се застапува за наше спасение. *** Сотрудник Павлов, угодник Христов, молитвениче Господов, Аристарх смирениот апостол денес го величаме, бидејќи во ревноста од Првоврховните за пример го имаше, и поучен од Архипастирот, смирено стадо словесно пасеше. За нас, денес, моли се велики меѓу великите.
Кондак
Духот Свет кој во тебе твореше, мноштво ослободи од измамата на лагата, о епископе свети Зиноне. Павле те поучи, а Петар те постави по Божјо благоволение, апостол и пастир да бидеш на Неговото Евангелие, кој и денес за нас се застапува во вечноста.
Свети Саватиј Соловецки
Се споменува со Свети Зосим на 17 април. Се упокои во Господ на 27 септември 1435 година.
Тропар
Оддалечувајќи се од светот, и вселувајќи се во пустината со добар подвиг си се подвизувал, со злострадање, трезвеност и молитви. Затоа и по смртта точиш исцеленија, Саватие, оче наш, моли Го Христа Бога да се спасат душите наши.