Македонија

Со Македонците сум бил и во добро и во лошо, хрватскиот професор Горан Калоѓера бара македонско државјанство

Ова што го гледате на фотографијатадраги Македонци, медалот е заслуга за Македонија, објави на својот профил на Фејсбук, хрватскиот проф. д-р Горан Калоѓера. Тој бара македонско државјанство за себе и за својата сопруга, која е исто така универзитетски професор.

Во продолжение целата објава на професорот Калоѓера, кој со Македонија е поврзан уште од 1980 година и најголем број од 40-тината објавени книги се поврзани со Македонија:

„Никогаш порано не сум го користел, едноставно, го прифатив како признание за моите заслуги кон македонската наука. Со оглед на тоа што барам мислење од македонскиот народ, а не од владејачките структури, е следново: Барам за мене и за жена ми македонско државјанство. За мнозина можеби ова е глупаво, но за мене е многу важно.

Јас сум македонист од 1980 година, основач на македонски студии во Риека, надворешен член на Друштвото на писатели на Македонија, почесен доктор на Универзитетот Св. Кирил и Методиј, основач на Лекторатот за македонски јазик на Филозофскиот факултет во Риека, надворешен член на Македонската академија на науките и уметностите, proffesor emeritus на Универзитетот во Риека.

Објавив 41 книга, од кои 30 се поврзани со Македонија. Јас сум основач на симпозиумите за хрватско-македонски лингвистички, литературни и културни врски, кои произведоа пет симпозиуми и исто толку зборници.

За сето тоа имав поддршка од мојата сопруга, која е редовен професор по американистика на Филозофскиот факултет во Риека, која одржа голем број предавања и објави неколку статии за врските на Македонците и нејзината дијаспора во светот.

Човек си ги знае границите. Моите се при крај и како ако не добијам државјанство да го заокружам мојот научен циклус за македонистиката? Со македонскиот народ сум бил од 1980 до денес. Во добро и во лошо. Сакам да го заокружам овој циклус со добивање државјанство (за мене и за сопругата).

Сега му се обраќам на македонскиот народ, ако ме поддржувате, кренете палец горе, ако не палец долу. Во зависност од вашите реакции, ќе ги направам следните чекори. И на крај морам малку да бидам злобен, во овие 40 години и повеќе, многу македонски пријатели ми кажаа дека тоа требаше одамна да се случи, без јас да барам. А сега јас барам. Ајде да видиме како дише народот, а како тие што сега се на власт“, напиша професорот Горан Калоѓера.

Поврзани вести

Back to top button