Се менува сообраќајот – Повеќе нема да можете со автомобил пред Рекорд!
Улицата Димитрија Чуповски во строгиот центар на Скопје, попозната како Рекорд, ќе стане шеталиште, а по коловозот ќе може да се движат само автобусите од јавниот превоз.
Идејата улицата Димитрија Чуповски да биде пешачка зона е стара десет години, а ќе се реализира откако Град Скопје ќе ја прошири улицата Даме Груев во булевар.
Ова е предвидено во последните измени на деталниот урбанистички план за „Мал ринг“, според кои, автомобилите нема да може да возат од трговскиот центар „Палома бјанка“ до раскрсницата пред Собранието на Република Македонија.
Општина Центар овие измени во планот ги вметнала на барање на Град Скопје. Доколку планот се реализира и навистина голем дел од улицата се претвори во шеталиште, Скопје ќе добие уште една атрактивна пешачка зона во центарот, од типот на улицата Македонија, особено што Градот планира да ги обнови во класичен стил фасадите на речиси сите станбени објекти што се на улицата.