Самохрана мајка со девет деца и без денар за егзистенција (Видео)
Низ дупките на оваа жичана ограда тлее страшна социјална приказна на семејството Китановски. Самохрана мајка со десет малолетни деца, со години без ниту денар за егзистенција. Живеат од хумани граѓани кои им носат храна и облека, а тие се повеќе заглибуваат во очајот, во бездната. А во моментов уште се борат да не останати без покрив над главата. Пет месеци од кога Васка го изгубила својот сопругот, ги трпи и заканите од свекорот кој инсистира, дури и со полиција, да ја напуштат куќата, оти била негова.
И Васка е болна и чека операција од жолчка, но најмногу ја погодува моментот дека деветгодишниот Дамјан четири години е без соодветни лекарства за епилепсија.
Семјеството тоне во долгови, има долг за струја од 235.000 денари и закани секој ден дека ќе бидат исклучени.
Влагата и мувлата од куќата ѕиркаат од сите страни. Неколкуте полускршени кревети не може да ги соберат сите 12 членови од кои дел се тинејџери. Васка вели дека помош има од двајцата синови. Едниот е веќе вработен и ги издржува сите. А другиот 20 – годишниот Даиел, чека абер од една од фабриките во Бунарџик каде го викнале на разговор. Тие се најголемата помош за мајката Васка. Перат, готват и се грижат за сите. А со нив е и постарата сестра со две мали дечиња. Другите две ќерки се омажени и живеат надвор од Скопје.
Најмалите нејзини деца Дамјан, Петар и Јована љубопитно трчкаа и ѕиркаа пред нашата камера, желни нешто да ни кажат.
Покрај вообичаените детски желби за лап топ, телевизор, точак, храна, облека, Јована посака и каков било телефон, но и праски.
Низ солзите на Васка вришти очајот од немоќта, како и изгубената надеж дека институциите ќе им помогнат. Вели доаѓаат ветуваат пред избори, на зборови добивме се и сешто од политичарите, а на јаве уште пред шест години ја изгубивме и социјалната помош од 2.700 денари.
Со грутка во грлото го оставивме ова многучлено семејство и со мислата дека животот кај нив заглавил не во 21 век, туку во некој од претходните. Без телевизор, машина за перење, без храна и облека, дури и без кревети, доволно за сите. А под дефиниција за среќа не подразбираат многу – туку основни услови за живот и егзистенција.
Низ солзите на Васка и насмевките на децата блика очај и недоверба, но и надеж – апел до хуманите граѓани – ве молиме помогнете.
Александра Филиповска за 1tv.mk