Рускоска: Игор Југ имал задача физичко да го елиминира Заев – Нинџа и Кољо организатори на упадот во Собранието
Нападите во Собранието ќе останат длабоко врежани во историјата на Македонија. Напаѓачите, кои денес се на обвинителната клупа, преку доказите ќе се види дека биле предводени од Александар Василевски-Нинџа и Никола Митровски- Кољо. Полицајците, пак, се поставиле на нивна страна. Пратениците кои ги отворија вратите биле свесни дека напаѓачите ќе направат хаос со што тие ги погазија уставните начела и принципи. Групата „За заедничка Македонија“, пак, имала задача со потпалувачки говори да ја повикаат масата кон Собранието. Ова се само дел од воведните зборови на Основното јавно обвинителство во предметот за насилството во Собранието од 27 април минатата година.
Oбвинителката Вилма Рускоска даде детална хронологија на настаните во Собранието. Според обвинителниот акт, се почнало кога Благоја Василевски, телохранител на поранешниот премиер Никола Груевски, кој во 14.39 часот од Виена телефонски му се јавил на својот брат Александар Василевски-Нинџа, а разговарале „за здравјето на нивната мајка“. По овој разговор, Рускоска посочи, се организирала мрежата од насилници за упадот во Собранието. Нинџа и неговиот другар Никола Митревски-Кољо во ресторанот „Дион“ собрале група од 68 лица, на кои им поделиле фантомки и задачи. Оваа група со помош на пратениците, кои им ги отвориле вратите од Собранието, успеале да влезат и притоа од пратениците добиле насоки каде да се движат.
Обвинителката Рускоска раскажа и како толпата се движела и кој се им помогнал да дојдат до прес-центарот каде се пресметаа со пратениците од парламентарното мнозинство. Притоа беше кажано и дека полицијата ништо не презела да ги спречи насилниците.
Обвинителката објасни и дека дел од обвинетите во прес-салата ги координирале останатите за физички да се пресметуваат со мнозинството. Таа истакна дека Игор Југ имал задача физичко да го елиминирал Заев што, според неа, ќе се докажело со изјави на сведоците.