Регистрирани 39 новозаболени од ХИВ вирусот
Годинава во Македонија се регистрирани 39 новозаболени од ХИВ вирусот. Најголем дел од заболените се од Скопје, на возраст од 20 до 40 години. Надлежните задоволни од лекувањето, 96 проценти од заболените ја примаат терапија. Велат, потребно е да се подигне свесноста за навремено тестирање.
Нови 39, ХИВ инфицирани и четворица заболени од СИДА- најголем дел се мажи. Не е регистриран ниту еден смртен случај. Ова се податоци за годинава објавени на Светскиот ден за борба против Сидата. Бројот на новооткриените лица со ХИВ е за два пати зголемен во споредба со 2010 година, но тоа e резултат на достапноста на ХИВ тестовите- велат од Институтот за јавно здравје.
Од Инфективната клиника велат дека 96 проценти од заболените ја примаат потребната терапија, но велат, потребно е да се подигне свесноста за навремено тестирање.
Во Македонија има вкупно 261 лице кое живее со ХИВ- СИДА. Во светот пак, 36,7 милиони луѓе живеат инфицирани од вирусот.