Прогласена вонредна состојба во Македонија (ВИДЕО)
Претседателот Стево Пендаровски вечерва прогласи вонредна состојба во државата. Ваквата одлука е донесена, како што рече во обраќањето до граѓаните, за поефикасно справување со коронавирусот.
Вонредната состојба ќе трае 30 дена. Во тој период Владата до Пендаровски ќе треба да поднесе извештај за ефектите од донесените мерки за заштита против корона вирусот, дневно да го информира за преземените активности и за ажурираните планови за постапување во иднина.
Владата ќе продолжи да функционира како техничка.
– Предмалку ја потпишав одлуката за прогласување вонредна состојба на територијата на целата држава. Фактот што првпат од нашата независност поднесуваме вонредна состојба укажува колку е сложена состојбата во земјата. Изборите ќе мора да бидат одложени, а ќе се закажат дури кога за тоа ќе се создаде прилика, истакна Пендаровски во вонредното обраќање.
На граѓаните уште еднаш им порача да останат дома и да не патуваат надвор.
Воведување вонредна состојба побара Владата, а со таков став претходно излегоа и лидерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Заев и Христијан Мицкоски.