Продадени души
Со години, во времиња кога сатирата се сметаше за облик на отпор кон неправедната власт и за храброст, Македонија ги имаше „К-15“ како свои јунаци. Кога не сакавме да кажеме дека самите сме виновни за состојбата во која се наоѓаме, или дека сме слепи пред неправдите што ги чинат оние на кои на избори сме им дале доверба, се шегувавме на своја сметка, велејќи „сега Цацко (ли) ни е крив“. Во таа фраза, Цацко беше невиниот и наивниот, жртвеното јагне (обичниот граѓанин), кој секогаш го извлекуваше подебелиот крај. Денес (вистинскиот) Цацко е владин службеник.
И не само што зема државна плата како дел на Министерството на вистината, туку денес популарниот Бубо Каров е дел и на „платена јавна пропаганда“, како што стои на телевизиските пораки со кои се убедуваат граѓаните дека треба да гласаат „за“ на референдумот. На јавната сцена дефилираат толку многу луѓе, кои за мнозина се непријатни изненадувања и разочарувања, но овој лик го издвојувам поради симболичката вредност што ја имаше и како најилустративен пример за степенот на моралната, јавната и политичката корупција. Тоа што на трибина премиерот Заев (на начин што е вицкаст толку за да прилега на спот на некогашните „К-15“) повикува на отворена корупција и купување гласови на граѓаните е помалку тажно, бидејќи за власта секогаш и сме знаеле дека корумпира. Апсолутната власт корумпира апсолутно, а оваа можеби не е апсолутна (засега), ама е дрска, бескрупулозна и бесрамна. Моралниот пад на Цацко е нераскинливо поврзан со начинот на владеење, со клиентелизмот, кронизмот и непотизмот што виреат со години. Единствената разлика е што тој досега претставуваше симбол на отпор, макар и преку хумор, а сега и тој ореол е симнат.
Кога на трибина во Крива Паланка (во камера) премиерот кажа дека странски бизнисмени ветиле дека ќе им платат нешто екстра на работниците само за да излезат на референдумот, зашто тоа било во нивен интерес, тој истовремено повика примерот да го следат и домашните газди, кои сега треба да го одврзат ќесето и да ги поттикнат гласачите. Присутните на трибината ни да трепнат, како хипнотизирани слушаат, несвесни дека се сведоци на кривично дело. За обичниот народ, кој страдал и од едни и од други, кој е сведен на Граѓанинот покорен, и да не се чуди човек. Но каде е ДИК, каде е Јавното обвинителство? (Антикорупциска комисија фактички и немаме, а и кога ја имавме беше само фасада.) Тоа е јавен повик за кршење на гласачкото право и јавен рекет со кој се бара соучесништво од домашните бизнисмени. Нашите гласови се сведени на стока за купопродажба и веројатно, ако досега се мислеше дека за Ромите е типично да ги продаваат своите гласови за кило брашно и масло, сега сите сме Роми – без оглед дали ќе го примиме поткупот или не; така нѐ третира премиер што е еднаш аболициран, а неодамна и ослободен во судски случај за поткуп.
Веќе подолго време по домовите на врата чукаат луѓе што се претставуваат како волонтери, а носат полни раце „подарочиња“ и сѐ што бараат е да им кажеме дали и како ќе гласаме. Се прават списоци, семејни, од работно место, од соседство; треба да достават во штабот ако се сака да се задржи работното место или евентуално да се добие. Градоначалник во училница, пред дечиња, им се заканува на учителките дека ќе ги следи и држи на око како постапуваат деновиве. Министер за полиција учествува на пропагандни трибини, а тој е само еден од владината свита што со државни средства патува низ земјава за да учествува во кампања, иако официјално Собранието е организатор на кампањата. Кога Косово стана држава постави споменик со симболичен назив „Новородена“ (Newborn), нашава поставува споменик на „Еврото“ („Новопродадена“). Сега можеме да му се поклонуваме на златното теле, она поради што се тресат темелите и опстанокот на ЕУ. Буквално сѐ што се однесува на референдумот е непоимливо и забрането и со нашите закони, но и со сите европски и демократски стандарди и добри практики, во кои божем се крстат. Им се подбивавме на Груевски, Вучиќ, Ердоган, Орбан – а спаднавме на Заев? Кажете, во што е разликата (ако се занемари IQ=33)? Сето ова се алармантни докази за системскиот гнилеж на државата, но ако тоа досега требаше да се разоткрива со опозициски ангажман, бомби, свиркачи, анализи и сл., истиот тој сега се продава како скап парфем. Наводно, така мирисале демократијата и европската/натовската иднина.
Во низата скандалозни појави е и учеството на странските амбасадори во кампањата, почнувајќи од Жбогар. На билбордите во земјата прикажуваат слики на дечиња, што е злоупотреба на деца во политичка кампања. Но најцинична е онаа порака во која се вели дека со прифаќањето на референдумот ќе сме ја зајакнеле правната држава! Која правна? Која држава? Онаа што ја направија пуздер и ја згазија за да ја изградат постара и поубава од урнатините? Што се однесува на промените на Уставот, велат дека намерно не ги кажуваат решенијата за ревизија на Илинден и АСНОМ, затоа што тоа ќе правело „непријатно влијание врз граѓаните, а граѓаните навистина треба слободно да одлучат!“. Блажено незнаење, слепа доверба и целосна покорност – тоа е она што го бараат од нас во име на „слободно одлучување“ за сопствениот идентитет и државност! А Пендаровски, како кафански човек, ќе чести пијачка ако нешто се „избоксува“ bona fide барем за анусот на МАНУ (ги пишувам овие редови и имам чувство дека сум во кошмар, а не дека бележам сегменти од оваа стварност).
Според таткото на американскиот устав и демократија, Томас Џеферсон, кога неправдата ќе стане закон, отпорот е обврска. Во случајов веќе нема одредба или стандард што не е прекршен – од нератификуваниот договор што ни се поттура како единствена опција до каприциозното референдумско прашање и незаконската кампања, застрашувањето на опонентните и уцените што ни висат над главата како Дамоклов меч. Колку е притисокот посилен, толку е обврската да не се биде соучесник во ова организирано злосторство поголема. Кампањата е „перење мозок“ со наши пари, бидејќи е еднонасочна – само ЗА, каде што води Вождот излезен од романите на Домановиќ! Од сите небулози, меѓу кои и таа дека во ЕУ има бесплатно здравство и образование, лежи неверојатен парадокс. Ваква кампања е посоодветна за комунистички режим, а не за систем што ветува демократија, и тоа во капиталистички, компетитивен систем (за империјалистичката алијанса и да не зборувам). Заев и неговата свита на продадени души им се закануваат на сите што ќе ја исполнат обврската за која зборува Џеферсон; сите што не се со нив се државни непријатели.
Ова е смрт и за елементарното поимање на демократијата. Ако вака се закануваат сега, можете да замислите што ќе прават кога насила ќе треба да го спроведуваат Преспанскиот договор и да ја бришат „именката“ македонски/македонско од јавниот простор? (Ова со „именката“ не е моја грешка, туку е најновиот бисер на професорката-пратеничка што се восхитува на Микеланџело Бонапарта, па не е чудо што не знае што е придавка, а што именка.) Дека следува полициска, орвеловска држава кажав одамна, а сега тоа само се потврдува. За жал, и во оваа работа, како и многупати порано, на челните места се универзитетски професори и „интелектуалци“. Тие не чекаат власта да им ги запали книгите на плоштадите; самите се одрекуваат од нив. Симболички ги палат, сакајќи да се прочистат, самолустрираат, пред да се положат пред олтарот на „новото време“. На сиромавиот и неукиот немаме зошто да му се лутиме дури и кога ќе потклекне; но кога овие од „научниот и интелектуалниот“ Олимп ќе паднат, продавајќи си ја душата, дозволувајќи да бидат убедени, ама и да убедуваат во (правни и политички) апсурди, поради славољубје или среброљубје, поради позиција или моќ – тоа е тешко да се прости.
Останав занемена и од објавата на Независниот академски синдикат (наследник на Професорскиот пленум) дека побарал покачување на платите од премиерот. Како „газда“ можеби ќе потфрли некој сребреник, но несфатливо е професори што наводно се бореле против режим сега да не гледаат дека се проституираат и се продаваат за „кикиритки“, во време кога треба да се најгласни во критиките на општата корупција среде референдумски процес. Не е никаков изговор да кажат дека не се правници: непознавањето на законите не ги ослободува од вина оние што ги кршат! А тие како професори мораат да предничат и со моралната позиција и со критичкиот глас. Освен ако не склучиле фаустијански пакт во замена за бескрајното знаење – кое никому нема да му донесе ни добро, ни еманципација, а најмалку самопочит. Во време кога е модерно да се пишуваат (вистински, а не преносни) пофалби на глупоста и лудоста, кога дефилираат на спотови фаустијански ликови, сепак да почекаме до среда – да видиме дали оваа земја има барем една правна институција, дали Уставниот суд ќе се издигне над ова дно и ќе одигра улога каква што му ја додели уште Ханс Келзен.
(колумна на Билјана Ванковска за Нова Македонија)