Македонија

ПРИВЕДЕНИ ТРИ ЛИЦА ЗА ТРОЈНОТО УБИСТВО ВО ДЕБАР: Ќерката на Поцеста осомничена дека ги убила своите татко, мајка и сестрата

Извршител на тројното убиство во семејството Поцеста во Дебар е нивната постара ќерка, која исто така со нив живеела во Италија, пренесува порталот Инфо Шќип, повикувајќи се на извори од полицијата.

Неофицијално се дознава дека Б.П. (25) откако го извршила грозоморното убиство отпатувала за Италија, по што повторно се вратила во Дебар, откако роднините „ја известиле“ за трагичниот настан.

Во извршување на убиствата и помагале две лица, едно од Гостивар, познато на полицијата по проблематичното однесување, кое и помагало во превозот, и едно од Дебар, кое го обезбедило пиштолот.

Тројцата се приведени и однесени во Основниот суд во Гостивар, што, заедно со Основното јавно обвинителство од овој град, се надлежни за ова кривично дело.

Според последните информации на тројцата им е изречена мерка притвор во траење од 30 дена.

Инаку, Амит (54), неговата сопруга Назмије (53) и нивната ќерка Анила (14) Поцеста беа застрелани со пиштол на 26 август во утринските часови во нивниот дом додека сопружниците спиеле во спалната соба, додека девојчето во неговата соба. Биле пронајдени од близок роднина истиот ден околу 21 часот.

Сопружниците Поцеста речиси три децении со своите три ќерки живеле и работеле во Италија, а во родниот крај вообичаено, како и секоја година, доаѓале за време на летниот одмор.

Трите безживотни тела ги пронашле роднини, кои откако виделе дека ги нема на домашната веселба на нивен близок роднина и не се јавувале на телефонските повици, заминале во нивната куќа, влегле преку отворен прозорец со помош на скала. Шокирани од глетката ја известиле Полицската станица од општа надлежност во Дебар,која потоа ја информирала Општата болница. Екипа на итна медицинска помош веднаш пристигнала, но за жал лекарот само констатирал смрт.

Тие беа погребани на градските муслимански гробишта во Дебар во вторникот, а до вечните почивалишта ги испратија неколку илјади дебарчани.

Поврзани вести

Back to top button