Еднаш, многу одамна, сите човечки суштества и сите човечки квалитети се нашле на едно скришно место на Земјата. Кога дошла Здодевноста се проѕевнала по третпат, а Лудоста, како и секогаш луда, предложила:
– Ајде да си играме криенка! Кој најдобро ќе се скрие, ќе биде победник меѓу сите чувства. Интригата ја поткренала десната веѓа, а Љубопитноста, не можејќи да се воздржи, прашала: – Криенка? Каква е таа игра?
– Тоа е една игра, почнала да објаснува Лудоста, во која јас ќе ги покријам очите и ќе бројам до милион, додека сите не се скриете. Штом ќе завршам со броење, тргнувам во потрага и кого нема да го пронајдам, тој е победникот. Ентузијазмот заиграл од радост, а истото го направило и Одушевувањето. Среќата толку скокала што успеала да ги наговори Сомнежот и Апатијата, кои никогаш и ништо не ги интересирало. Ама, не сакаа сите да си играат. Вистината беше против криењето, а и зошто би се криела? И така неа на крајот сите ќе ја пронајдат. Гордоста мислеше дека тоа е глупава идеја, иако всушност ја измачуваше мислата зошто нејзе не и текна прва да ја предложи играта. Вниманието не сакаше да ризикува. –
Еден, два, три… почна да брои Лудоста. Прва се сoкри Мрзливоста, која како и секогаш, само се фрли зад првиот камен на патот. Вербата се качи на небото, Завидливоста се скри во сенката на Успехот, кој со мачење се искачи на врвот од највисокото дрво. Великодушноста никако не можеше да се одлучи каде да се скрие, затоа што секое место и се чинеше совршено за некој од нејзините пријатели. Убавината скокна право во кристално чистото езеро, а Срамежливоста ѕиркаше низ пукнатината на едно дрво. Прекрасноста го најде своето место во летот на една пеперуга, а Слободата – во здивот на ветрот. Себичноста најде скривница, ама само за себе! Лагата се сoкри на дното на океанот (лаже, на крајот од виножитото!), а Стрвноста и Страста – во кратерот на вулканот. Заборавот заборави да се скрие, ама тоа не е важно.
Кога Лудоста изброи 999.999, Љубовта се уште не најде скривалиште затоа што сите места беа зафатени. Здогледувајќи една градина со рози, скокна и се пикна меѓу прекрасните пупки од рози. – Милион!, извика Лудоста и почна да бара. Прво ја пронајде Мрзливоста, зад најблискиот камен. Наскоро ја слушна Вербата како расправа за теологијата со Господ, а Страста и Стрвноста скокнаа од вулканскиот кратер од страв. Случајно ги најде и Завидливоста и, секако и Успехот. Себичноста не ни требаше да ја бараат. Сама излета од своето совршено скривалиште кое се покажа дека е кошница за пчели. Од толку барања Лудоста ожедне, и така во кристалното езеро ја пронајде Убавината. Со Сомневањето беше уште полесно, затоа што тоа не можеше да се определи за својата скривница, па остана да седи на блиските камења.
Така Лудоста, малку по малку, ги пронајде речиси сите. Талентот во златните класја на житото, Тежината на душата во изгорената трева, Лагата на крајот (лажеше, сепак беше на дното на океанот!), а Заборавот заборави и дека воопшто нешто се играло. Само Љубовта не можеше никаде да ја најде. Ја пребара секоја грмушка, сите планински врвови и кога веќе беше бесна, ја здогледа градината од рози. Влезе меѓу розите, фати една сува гранка и од бес и изнемоштеност почна да ја удира по прекрасните пупки од рози. Одеднаш се слушна болен крик. Трњата од розите и ги изгребаа очите на Љубовта. Лудоста не знаеше што да прави… го пронајде победникот, чувството над чувствата, ама Љубовта стана слепа. Плачеше и ја молеше Љубовта да и прости, и најпосле реши да остане засекогаш покрај неа, покрај Љубовта, и да и помага. Така Љубовта излезе победник над сите чувства, ама стана слепа, а Лудоста ја следи на секој чекор.