МакедонијаРелигијаТоп

Свети Јоаникиј Ракотински, неговите нераспаднати мошти, сведочат дека смртта е победена со верата во Христа (ВИДЕО)

Преподобен Јоаникиј Ракотински

Свети Јоаникиј се родил во Охрид, на 7 јануари 1847 година, а на крштението го добил името Јован. Монашки потстриг примил на 17 јануари 1873 година, во манастирот „Свети вмч. Пантелејмон“, Нерези, со името Јоаникиј. Година и половина по замонашувањето преминал во манастирот „Свети Илија“, село Бањани, а во 1874 година останал во братството на Марковиот манастир, за најпосле да се насели во селото Ракотинци и таму да го обнови манастирот „Свети Илија“. Како најобразован во тоа време, во 1896 година подигнал и основно училиште за деца. Живеел во исклучително тешко време, за време на турското владеење, Балканските и Првата светска војна, со тешки искушенија и притисоци, и сенародно страдание. Во 1913 година бил произведен во игумен, а во 1935 година во архимандрит. Се упокоил на 24 јануари 1940 година.

Тропар
Живот богољубив мина, преподобен Јоаникие, кој си овенчан од Исуса Владиката, Подвигоположникот. Така, твориш чудеса преку моштите свои за сите што доаѓаат и верно ти се молат. Затоа прими благодарен глас: Радувај се рамен со древните светии.

Селото Ракотинци се наоѓа во југозападниот дел на Скопската котлина на територијата на општина Сопиште, оддалечена 7 километри од Скопје. Селото е ридско, на надморска височина од 480м. Атарот на селото зафаќа 9,7 км². Селото е средно по големина. Во 1961 година броело 541, а во 1994 година 576 жители.
Во село Ракотинци има основно училиште, разни услужни дејности, мошне стара црква посветена на “Успение на Пресвета Богородица” (за која не се знае во кој период е изградена) и манастирот св. Илија, сместен во југозападниот дел од селото, во кој се наоѓа гробот на отец Јоаникиј. Разговорот е воден на неколку места во селото на 27 јуни 2003г. Соговорници: Трпевски Спасе, роден 1955; Трајковски Боне, роден 1906; Јовески Ванчо, роден 1919.

Архимандрит Јоаникиј е роден 1839 година во пределите на Егејска Македонија, од каде по зборовите на нашите сведоци пристигнал во село Ракотинци, во своите млади години (носејќи со себе едно мало дете).
На прашањето за физичкиот изглед и однесување на отец Јоаникиј добивме интересни одговори од двајца соговорници.
Така на пример Спасо Трпев вели: “Човек со низок раст, мирен, воопшто не бил агресивен, со блага душа… ги прифаќал луѓето било за лошо, било за арно… ќе ги смири”.
Дедо Ванчо го опишува како: “полн на лице, кус, со прцел (реп)”.
Селаните велат дека дошол од некој грчки манастир, купил големо парче земја (20 декари), каде го издигнал манастирот со конаци, кои селаните ги нарекуваа “згради”, што укажува на нивната големина. Некои дури овој манастир го споредуваа со Марковиот манастир во големината, градбата и фрескописот.
Единствен пристап до манастирот имало со дрвен мост, што  сведочи за неговата убава местоположба крај реката.
Отец Јоаникиј според зборовите на селаните “бил многу образован и способен човек”, покрај манастирот тој зад себе оставил и многу други дела и градби…
Како најголем изум за тогашните селани, непознат и многу уникатен, била единствената селска воденица управувана од еден коњ.
Со ова тој многу допринел за егзистенцијата не само на манастирскиот комплекс, но и на целото село. Покрај коњот, имало “два ѕевгара” волови, а се чувала и друга стока.
Отец Јоаникиј не живеел сам. Во манастирот покрај малото детенце со кое пристигнал, имало уште и тројца монаси, а и еден селанец, Трајче Јанкоски со неговото семејство, му прислужувал до крајот на животот како манастирски момок.
Интересен е податокот за отварањето на училиште во рамките на манастирскиот комплекс, што ни кажува за сестраната едукација на отец Јоаникиј и неговиот духовен и интелектуален ангажман.
Самиот пишувал книги, кои се уште не се отпечатени и се разнесени на различни места. Некои од нив се чуваат во Богословскиот Факултет во Скопје (на пример една Лекаруша, зборник со практични совети од природната медицина во која отец Јоаникиј ги забележал своите искуства и сознанија од оваа област), а дел ги земал некој свештеник.
Во училиштето, учениците ги изучувале буквите, значи ги воведувал и поучувал во правилата на елементарната писменост.
Селаните со радост си припомнуваат за големите празници: “Причесна за Велигден ни даваше… Ќе постевме, мрсно не јадевме… “Постот е пола здравје” – вели дедо Боне. Тој напомнува дека на празникот св.Илија се собирал многу народ, доаѓале луѓе и од околните села на манастирската слава.
Го викале дедо аџија Јованикиј, со голема почит му се обраќале, крај него убаво се чувствувале… “прво него, па и манастирот го поштуеле” – вели Ванчо Јовески.
Богослужби имало секоја недела. Отец Јоаникиј служел и во двете цркви, и во св.Илија и во св.Богородица, во селото.
“Тој си правеше Закон во Црквата, секоја недела редовно”, а потоа “во матерницата почастује со кафе”.
Селаните го викале за секој настан, во зло и добро, а тој на тие средби ги хранел со духовна храна. Така на пример го викале на ручек, најчесто кога ги стрижеле овците; ќе благослови па ќе започне: – “Луѓе слушајте ваму, каков век иде, што пишува во Евангелието? Најпрво ќе исушат бресјата, ќе загинат водите, ќе има војни, поштујте празниците, немојте да го кодошите  комшилукот”.
Лесно може да ја согледаме неговата миротворна функција со која по образот на Спасителот и тој носел мир меѓу луѓето околу себе. “Помагаше во сé. Во негово присуство не сме се карале, сме се сакале. Он во најлошото го чувал народот, бил сé.”
Велат во турско го чувал селото. Уште еден интересен податок е тоа дека и турците доаѓале кај него да се советуваат.
На нашето прашање: “На каков друг начин му помагаше на народот?” Спасе Трпевски вели: “бил прозорлив, ќе им рече на селаните луѓе ќе врне, не одете на жетва утре”- и навистина ќе заврнело.
Зборувал и за манастирот, дека по неговата смрт постои опасност да падне. Тоа и  навистина се случило, по сеќавањата на Спасе (околу 1948) “манастирот има паднато од подземни води”.
На местото на старата црква изградена е нова, која се разликува од првата по нејзината големина и изглед (помала е и личи на соба).
Се чини дека за прифаќањето на “аџијата” од страна на селаните најмногу допринела неговата способност за лекување. Тој им помагал во болести не само на селаните, но и на стоката. Бил единствениот лекар во селото и нему му се обраќале во секоја мака. Највпечатлив е податокот дека лечел со молитва: “аџијата ќе му прочита и ќе го излечи”. “Беше многу добар човек”, вели дедо Боне – најстариот жител во селото, кој се сеќава на него (1906).
Пред да се упокои, на местото каде пребивал, започнал сам да си ја прави гробницата, а на молбата од страна на селаните да му помогнат во копањето тој возвраќал со зборовите: “Таа е лично за мене, сам ќе си ја направам”.
Погребан бил во манастирот, но со неговото паѓање заради лизгањето на земјштето, пренесен е во црквата св.Богородица. Како што велат селаните 10 години бил оставен на милост и немилост, но благоразумноста, почитта и љубовта кон отец Јоаникиј од страна на селаните допрва доаѓа до израз.
Согледувајќи ги временските неприлики на кои било изложено нераспадливото тело на о.Јоаникиј, како и потребата тоа да се наоѓа на вистинското место, селаните под водство на Црковниот одбор, апелирале до Архиепископијата телото да се врати во манастирот (каде било претходно).
Нивната молба е услишена. На опелото присуствувале поголем број свештеници (околу десетина), а тоа е извршено од страна на Архиепископот Михаил.
Од исказите на интервјуираните селани некои информации не се совпаѓаат, но тоа е сосема разбирливо пред се поради малиот број возрасни сведоци кои веќе забраздуваат во својата длабока старост и чии сеќавања полека бледнеат пред немилоста на времето. Но овој податок треба да не мотивира кон позабрзано и подлабоко понирање во истражувањето, со надеж за доаѓање до подрагоцени податоци, со кои ќе се комплетира мозаикот од ликот на отец Јоаникиј.
Едно е сигурно, дека секој од нив, дури и помладите кои само слушале за отец Јоаникиј, со огромна љубов и почит зборуваат за неговото дело.
Се прашувам, зарем не беа бесмислени напати поставените прашања од типот: “постевте ли?”, “одевте ли во Црква на Литургија?”, – за луѓе што живееле здрав духовен живот под раководство на таква света душа?
Сево ова јасно ни дава до знаење дека духот на времето во кое живеел отец Јоаникиј е сочуван, а љубовта со која топло, татковски го прегрнал овој пастир своето стадо, сé уште пулсира во срцето на народот, пренесувајќи се и преумножувајќи се во срцата на новите поколенија од село Ракотинци и преизобилно исполнувајќи го срцето на сите оние кои со искреност пристапуваат во овој благословен предел, каде чиниш злото не допира, под заштитничка молитвена закрила на отец Јоаникиј.

Извор: Премин

Вниманието на пошироката македонска православна јавност било привлечено со, како што се верува, чудесното појавување на моштите на ова свето лице. Како што се знае, архимандритот живеел и служел во црквата во селото Ракотинци, Скопско. Тој починал на својата 101 годишна возраст и неговата желба била да почива во истото тоа населено место. Додека сè уште бил жив, архимандритот сам си го ископал гробот каде и го закопале по смртта.

Моштите на светото лице се појавиле двапати. Првиот пат се појавиле за време на социјалистичкиот режим во Македонија и селаните набрзо повторно ги закопале. Вториот пат моштите се појавиле нешто подоцна и тоа било доволна причина за да се увери македонската православна јавност дека нешто свето има во самите мошти. Поточно, со второто појавување на моштите православното население се уверило дека моштите се многу добро зачувани, нераспаднати и верувањата за светоста на архимандритот зајакнале. По второто појавување, локалниот свештеник и селаните го закопале архимандритот во селските гробишта, за да подоцна го вратат во неговиот првобитен гроб. Овој пат, тие го ставиле во стаклен сандак обложен со камени плочи кои се наоѓале насекаде околу ковчегот освен на лицето. Но, лошата заштита довела до благо оштетување на телото, но сепак истото и денес е доста заштитено.

Според доказите, земјиштето каде се наоѓало телото на архимандритот почнало да се лизга, откривајќи ги моштите на светецот. Поради свлечиштето, надлежните лица биле во потрага по соодветна локација за конечно положување на светите мошти. Како последица на сето тоа, МПЦ – ОА на 24/09.2017 во Соборниот Храм во Скопје, официјално го прогласи за светител преподобниот Јоаникиј Ракотински. Неговите мошти се поставени во соборниот храм во Скопје. Во манастирот на свети Никола во Љубанци е живописана неговата прва икона.

За време на престојот на моштите во Бигорски, Преподобниот отец наш Јоаникиј изврши повеќе чудеса од кои некои се запишани, сведочат монасите од овој манастир.

Првото чудо во Бигорскиот манастир, преподобниот Јоаникиј го направил во 2008 година над искушеникот М. (денес монах П.), кој, како што рекол самиот, со искрена молитва пред чесните мошти побарал од Светиот да го исцели од израстокот, што и по оперативниот зафат почнал повторно да расте во неговата уста. По застапништво на преподобниот, овој израсток исчезнал веќе следниот ден.

Преподобен Јоаникиј исцелува човек од голем камен во бубрегот и друг човек од канцер

Потоа, на еден голем пријател на Бигорската Обител, духовникот и архимандрит Порфириј, игумен на манастирот на Претечата во Верија, кој веќе го имал грчкиот превод на краткото житие на преподобниот, и кој во еден разговор со бигорскиот старец и игумен, Епископот г. Партениј, бил известен за присуството на моштите во Бигорската обител, му било дадено едно мало делче од моштите, поконкретно делче од најмалиот прст. По извесно време, отец Порфириј му соопшти на игуменот Партениј за чудото што светителот го пројавил преку она делче од моштите. Имено, жителите од околината на манастирот во Верија имаат обичај да земаат понекогаш од моштите што се наоѓаат таму и да ги чуваат за благослов во своите домови на одредено време. Така, во една прилика игуменот Порфириј ѝ ги дал моштите на преподобниот Јоаникиј на некоја верничка и ѝ рекол дека тие му припаѓаат на сè уште непрочуен светител, но голем чудотворец. Набргу откако жената ги однела моштите во својот дом, на гости ѝ дошла нејзината ќерка со својот сопруг Георгиј, кој имал сериозен здравствен проблем. Снимките покажале дека во едниот бубрег имал камен во форма на топче со пречник од неколку сантиметри, така што морал итно да се оперира. Тој ден бил петок, а операцијата била закажана за во понеделник. Меѓутоа, неговата тешта му ги принела моштите и му кажала за чудотворната сила на светителот, така што тој, иако не бил многу воцрковен човек, се поклонил со надеж дека Бог ќе му помогне по молитвите на преподобниот. Кога во понеделникот Георгиј отишол на операција, рутинската снимка пред хируршкиот зафат не покажала ниту трага од огромниот камен!

Архимандритот Порфириј, од истиот манастир, раскажува за уште едно чудо што се случило преку светите мошти на Преподобниот Јоаникиј. Имено, Божјата промисла уредила во неговиот манастир во Верија да дојде некоја жена, тешко болна од рак, и таа со силна вера во Бога побарала од отец Порфириj да се помоли за нејзиното здравје. Тој ѝ го дал кивотот со моштите и ѝ рекол дека се тоа мошти од еден непознат светител, па ја посоветувал да го почува во својот дом и да се моли пред нив за исцеление. По извесно време, жената ги вратила моштите со радосна вест дека Преподобниот направил чудо со неа, исцелувајќи ја целосно од ракот.

Свети Јоаникиј ѝ се појавува жив на една посетителка во Бигорски

Во 2009 година, на денот на светите рамноапостолни Кирил и Методиј, во Бигорскиот Манастир престојуваше професорката З. Т. Додека со еден од монасите го разгледувала манастирот, го посетила и параклисот „Свето Благовештение“, и таму, уште од самото влегување, почувствувала нечие присуство, иако внатре немало никој друг. Тоа чувство било толку силно, што таа дури и неколку пати се свртела околу себе и, најпосле, на една од стасидиите забележала постар монах, со молитвено наведната глава. Оваа негова појава ѝ предизвикала неискажливо спокојство и радост. Таа му кажала за ова на монахот што бил со неа и дури убаво ја опишала личноста што ја видела. Во тоа време никој, освен монасите, не знаел за постоењето на моштите во параклисот, а и самата посетителка не знаела апсолутно ништо, ниту за изгледот, ниту за личноста на преподобниот Јоаникиј. Од сето тоа кажување, монасите биле уверени дека појавата што ја видела гостинката во параклисот била токму преподобниот.

Свети Јоаникиј исцелува и им помага на луѓе болни од рак

Во последниот период од престојот на моштите во Бигорски, на неколку тешко болни од рак, меѓу кои и на посветената верничка Д. Б. од Скопје, им била прочитана молитва пред кивотот на преподобниот и, според нивното кажување, веднаш било забележано подобрување на нивната здравствена состојба, што ги зачудило дури и лекарите.

Чудотворствата на Преподобниот отец наш Јоаникиј не престануваат до денес.

По неговите свети молитви, милостив Христе Боже наш, сочувај го родот наш христијански, а нас, грешните и недостојните, помилуј нè и спаси нè како благ и човекољубив!


Поврзани вести

Back to top button