Религија

Преподобен Исаак Сирин, Неспоредлив психолог и раководител во духовниот живот

Преподобен Ефрем Сирин

Роден е во Сирија од бедни родители во времето на царот Константин Велики. Раната младост ја помина прилично бурно, но одеднаш во неговата душа настана пресврт и тој почна сиот да гори од љубов кон Господ Исус. Му беше ученик на Св. Јаков Нисибиски (13 јануари). Од големата Божја благодат од неговата уста извираше мудрост како меден поток, а од очите непрестајно му течеа солзи. Трудољубив како пчела. Непрестајно пишуваше книги или ги поучуваше монасите во манастирот и народот во градот Едеса или пак самиот се предаваше на молитва и богомислие. Неговите книги се многубројни, неговите молитви прекрасни. Најпозната му е молитвата за Чесниот Пост: „Господи и Владико на мојот живот“. Кога сакаа насила да го земат за епсикоп, почна да се прави луд и да јури низ градот Едеса, влечејќи ја зад себе својата облека. Кога го видоа тоа луѓето го оставија на мир. Му беше современик и пријател на Св. Василиј Велики. Св. Ефрем Сирин е главно апостол на покајанието. Неговите списи и ден денес смекнуваат многубројни срца закоравени во грев, и ги враќаат кон Христа. Се упокои во длабока старост во 378 година.

Тропар
Смирението и кротоста твоја, о Ефреме Сириски, ангели привлекоа од небесата, да донесат повелба Господова да наградат уста благоразумна. Ти кој си закитен со незлобивост, дар од Бога за простување добивајќи, ги учиш верните да ги согледуваат своите слабости и така во смирение да ги спасуваат нивите души.

Преподобен Исаак Сирин

Роден е во Нинива и во младоста се подвизуваше во Мар-Матејскиот манастир близу Нинива. Кога се прочу со светоста на животот и со многубројните чуда, го избраа за епископ Нинивски и го принудија на тој чин. Но после пет месеци тој го остави епископството и тајно се оддалечи во оддалечениот манастир Раббан-Шабур. Состави многубројни дела, од кои до нас дојдоа околу сто беседи за духовниот живот и подвижништвото, пишувани главно од сопствен опит. Неспоредлив психолог и раководител во духовниот живот. Дури и светителите како Св. Симеон Дивногорец од него бараа совет. Се упокои во длабока старост на крајот од 7 век.

Тропар
Длабочино на смирението, кој Христа Го позна како оган љубовен, кој гори и неизгорува, Исаак свети преподобен, учителу на смиреномудрието, при чии зборови за Вистината и денес треперат демоните, за нас моли се ти, кој пред Бога слобода имаш, Домостроителот да прости, заштити и спаси, по твоите, о пастиру, свети молитви.

Преподобен Паладиј

Сириски пустиник. Голем подвижник и чудотоворец. Пред неговата келија осамна трупот на некој богаташ, кого разбојниците го беа ограбиле и убиле. Кога го потераа Паладиј на суд, тој за да се спаси од неволјата, се помоли на Бога и мртовецот воскресна. Се упокои во Господ во 4 век.

Тропар
Преподобен оче наш Паладие, преку тебе Христос раздели на народот: на едните мудрост од делата твои, а на другите знаци од благодатта – мртви воскреснуваше и други чуда твореше, и во тебе, оче свет, на чии молитви се надеваме, Вистината уште еднаш посведочи за силата на оние кои Го љубат Господа.

Преподобен Ефрем Печерски (+1096)

Го востанови празникот на преносот на моштите на Св. Николај во Бари на 9 мај.

Поврзани вести

Back to top button