Преподобен Даниил Скитски
Игумен на прочуениот Скит Мисирски. Ученик на Свети Арсениј и учител на мнозина. Многу од неговите зборови и поуки се ѕвезди патокази за монасите. Еднаш кога варварите го нападнаа Скитот, го викнаа браќата да бега заедно со нив. Тој им одогвори: „Ако Бог не се грижи за мене, што ќе ми е да живеам? “ Уште велеше Даниил: „Колку што телото твое се дебелее, толку душата ти слабее“. Четириесет години се подвизуваше во општежитие, а потоа, во 420 година, се повлече во пустина. Свети Даниил се најде во Александрија кога еден изопачен свекор ја уби својата снаа, Света Томаида, заради нејзиното целомудрие (под 13 април). Тогаш заедно со својот ученик овој светител ја погреба светата страдалница.
Тропар
Учителу на верата Христова која спасува, сведоку на надежта која смртта ја надминува, монаху кој жезолот пастирски во покров над браќата го развеа, Данило преподобен оче, за нас моли се пред Животот вечен.
Светиот маченик Теодот Анкирски
Овој Христов маченик беше потаен христијанин и како таков ја помагаше Црквата и чесно ги погребуваше телата на Светите маченици. Така погреба и седум девојки кои пострадаа за Христа. Кога незнабожците дознаа за него, го удрија и него на маки и го погубија (под 18 мај).
Тропар
Мачениче свети Теодоте, денес Христос под Крстот те приведе, пофалба возвестувајќи во црквата Негова, крст маченички од раката Божја примајќи, името свето Господово го прослави, отче свети од небесните одаи моли се, да се спасат душите наши.
Светите маченички Кирјакија, Валерија и Марија
Овие три маченички беа од Кесарија Палестинска. Кога беа прогонувани христијаните, тие се повлекоа од градот во една колиба и таму непресушно Му се молеа на Бога, постејќи и плачејќи, верата Христова да се спростре по целиот свет, а гонењето на Црквата да престане. Некој ги наклевети, па ги изведоа на суд. Мачени и убиени во 304 година. Тогаш овие славни девици се украсија со невенливи маченички венци.
Светиот свештеномаченик Маркел, папа Римски
Во времето на Максимијан беше осуден да чува добици на едно место. За да му угоди на Диоклецијан, којшто го зеде за соцар, Максимијан почна да ѕида во Рим бањи, т. н. Терми и ги гонеше христијаните на тој труд како некогаш Фараонот Евреите во Египет. Мнозина христијани тогаш пострадаа. Пострада и ѓаконот Киријак, којшто имаше голема моќ над демоните и којшто ја исцели демоноопседнатата ќерка на Диоклецијан, Артемија, па и ќерката на персискиот цар, Јовија, и ги крсти и едната и другата. Пострада тогаш и таа Артемија и ѓаконите Синисиј, Смарагд и Ларгиј, другарите на Киријак и ѓаконот Апронијан, и двајцата новокрстени римски војници Папиј и Мавр, и старецот Сатурнин, и Крискентијан, и блажените девици Прискила и Лукина, коишто од своето богатство направија гробници за испоубиените христијански маченици. Светиот папа Маркел долго ги чуваше добиците, па најпосле во глад и понижувања, гнетен од војниците издивна и Му ја предаде својата душа на Бога.
Тропар
Како орел се надви над своите пилиња, свет епископе Маркеле, и како добар татко ги хранеше со Христови дарови, свет свештеномачениче, поругата како награда од светот ја прими, а од Христа – венец на славата. Моли се за нас, свет пастиру, пред Оној Кој ги зеде гревовите на светот.
Светиот свештеномаченик Маркелин, папа Римски
Му беше претходник на престолот на римскиот папа Маркел. Па кога Диоклецијан го повика и му се закани со маки, тој им принесе жртва на идолите, заради што царот богато го даруваше со скапоцена облека. Маркелин луто се покаја и плачеше дење и ноќе за своето одрекување од Христа, како некогаш апостолот Петар. Во тоа време имаше некој епископски собор во Кампанија. Папата се облече во кострет, си ја посипа главата со пепел, па влезе во соборот и го исповеда пред сите својот грев просејќи од нив да му судат. Отците му рекоа тој самиот себеси да си пресуди. Тогаш рече: „Се лишувам себеси од свештеничкиот чин, за којшто не сум достоен и уште: телото по смртта да не ми се погребува, туку да се фрли на кучињата!“ Тоа го рече и изрече клетва врз оној којшто би се дрзнал да го погребе. Потоа отиде кај царот Диоклецијан, му ја фрли онаа скапоцена облека, ја исповеда својата вера во Христа и ги нагрди идолите. Разјарен царот нареди, та го мачеа и потоа го убија надвор од градот заедно со тројцата добри мажи: Клавдиј, Кирин и Антонин. Телата на овие тројца беа веднаш погребани, а телото на папата лежеше триесет и шест дена. Тогаш Свети Петар му се јави на новиот папа Маркел и му заповеда да го погребе телото на Маркелин зашто, му рече: „Оној што се понизува себеси ќе се возвиси“.
Тропар
Покајанието твое, свет Маркелине, н? удостои да го видиме венецот на оние кои себе се понижуваат, преумувајќи се и гордо ридајќи за своите падови. На твоите молитви сега надевајќи се, Го прославуваме Бога Троичниот, Кој н? удостои вакво смирение да видиме.