Преподобен Антониј Велики – Сиот свој имот го раздаде на сиромасите
Преподобен Антониј Велики
Мисирец, роден околу 250 година во некое село Кома близу Хераклеја. По смртта на неговите благородни и богати родители си го подели наследството со својата малолетна сестра, ја згрижи кај некои роднини, својот дел им го раздаде на сиромасите, а самиот во дваесеттата година од животот се посвети на подвижнички живот, како што тежнееше од детството. Најпрво се подвизуваше во близина на своето село, но за да го избегне онеспокојувањето од луѓето, се оддалечи во пустина, на брегот на Црвеното Море, каде што како затворник помина дваесет години не дружејќи се со никого освен со Бога преку непрестајна молитва, богомислие и созерцание, поднесувајќи ги неискажливо трпеливо демонските искушенија. Неговата слава се пронесе по целиот свет и околу него се собраа многубројни ученици коишто ги поучуваше со пример и со слово на патот кон спасението. За осумдесет и петте години од неговиот подвижнички живот само двапати отиде во Александрија, и тоа првиот пат да бара мачеништво во времето на гонењето на Црквата, а вториот на повик на Св. Атанасиј за да ја собори клеветата на Ариевците дека божем и тој ја прифатил Ариевата ерес. Се упокои во сто и петтата година од животот, а зад себе остави цела војска следбеници и ученици. Иако на беше наобразуван, им беше советник и учител на најучените луѓе на неговото време, каков што беше Св. Атанасиј Велики. Кога некои елински филозофи го искушуваа со книжевна мудрост, Антониј ги засрами со прашањето: „Што е постаро: разумот или книгата? И кое од тие двете е причина за другото?“ Засрамени филозофите се разотидоа, зашто видоа дека самите имаат книжевно памтење без разум, наспроти разумот што го има Антониј. Тој е човек кој го достигна совршенството коешто воопшто може да биде достигнато на земјата. Тој е воспитувач на воспитувачите и учител на учителите; цели осумдесет и пет години се преобразуваше себеси, па само така имаше сила да ги преобразува и другите. Исполнет со многубројни години и добродетели, Свети Антониј се упокои во Господ во 335 година.
Светиот цар Теодосиј Велики
Овој славен и во верата ревносен цар владееше од 379 до 395 година. Константин Велики го забрани гонењето на христијаните, а Теодосиј отиде уште еден чекор понатаму: го забрани идолското жртвопринесување во својата држава. Многу помагаше на утврдувањето и распространувањето на христијанската вера низ светот.
Светиот маченик Георгиј Нов Јанински
Албанец, роден во селото Чуркла во Албанија, од многу сиромашни родители. Присилуван од Турците да се потурчи остана непоколебан во христијанската вера, заради што го обесија во Јанина, на 17 јануари 1838 година. Голем чудотворец и исцелител до ден денес.