Религија

Православни светители кои се празнуваат денес

Светиот свештеномаченик Тимотеј, епископ Бруски

Заради големата душевна чистота од Бога доби дар на чудотворство и ги лечеше сите болести и маки кај луѓето. Во времето на свирепиот цар Јулијан, којшто се одрече од Христа, Свети Тимотеј беше фрлен во затвор. Верните го посетуваа и во затворот за да слушнат мудра поука од својот архипастир. Кога дозна за тоа, Јулијан нареди џелатот да му ја отсече главата во затворот. Ова беше во 362 година. Неговата душа отиде во Рајот, а моштите останаа чудотворно да им помагаат на луѓето и да ја објавуваат силата Божја.

Светите маченици Александар и Антонина

Обајцата беа од Александрија: Антонина чесна девица, а Александар царски војник. Обајцата христијани. Прва беше изведена на суд и на мачење Антонина. Па кога ја фрлија во затвор, на заповед од ангел Господов Александар отиде во затворот (иако дотогаш не ја познаваше Антонина), ја загрна со војничкиот плашт и ѝ рече да ја наведне главата и да помине покрај стражите пред вратите. Така девицата побегна, а тој остана во затворот. Тогаш го изведоа Александар пред судот и почнаа да го истизаваат за името на Христа. Кога го слушна тоа, Антонина самата му се пријави на судијата, којшто обајцата почна да ги подложува на разни маки. Им ги отсече рацете, а потоа ги биеше на голо тело, им ги палеше раните со свеќи и најпосле ги фрли во оган наложен во една дупка и ги затрупа со земја. Пострадаа чесно за љубовта Христова и се преселија во дворците на небесното Царство на 3 мај 313 година. Во мигот на смртта на овие маченици злобниот судија Фист онеме и го спопадна демонско беснило коешто го мачеше седум дена, од што најпосле умре.

Свети Васијан, епископ Лавдиски

Роден во Сиракуза како незнабожец, од родители незнабожци, богати и угледни. Философско воспитание стекна во Рим. Сходно на неговата најтопла желба беше крстен од некој благочестив старец Гордијан. Тоа ги навреди неговите родители и за да го избегне нивниот гнев, на заповед на Свети Јован Богослов којшто му се јави, отиде во Равена и му се јави на својот роднина, епископот Урс. Упатен од епископот, Васијан се насели надвор од градот, кај црквата на Светиот маченик Аполинариј и долго се подвизуваше таму трудејќи се, во пост и во молитва. Кога умре епископот на Лавдискиот град во Лигурија, според едно откровение во сон го избраа Васијан за епископ на тој град, иако тој тоа не го сакаше. Посветувањето за архиереј го извршија Амвросиј Милански и Урс Равенски. Имаше голема исцелителна благодат; можеше и мртви да воскреснува. Беше сведок на последните часови на Свети Амвросиј, од чија уста слушна дека во тој миг светителот Го гледа Господ Исус Христос. Поживеа во подвиг до длабока старост, а во деведесеттата година од својот живот се упокои и се пресели во Царството Божјо околу 409 година. Неговите Свети мошти останаа чудотворни, да сведочат за силата Божја и за величината на овој Божји Светител.

Поврзани вести

Back to top button