Пет извршители имале профити поголеми од 120.000 евра
Во Македонија има помалку од 100 извршители кои се овластени од државата да наплатат судски пресуди и други извршни исправи. Меѓу нив има 17 извршители кои лани приходувале најмалку 200.000 евра. Дури пет од нив имале профити поголеми од 120.000 евра, пишува Фактор. Извршителот не е најпопуларната професија во земјава. Напротив. Веројатно независна анкета би покажала дека најомразената професија, односно дека е на врвот на листата „според дразбата“ која просечен македонски граѓанин ја добива кога ќе се спомне именката, е извршител.
Но често критикуваме и повеќе од потребно и не секогаш аргументирано. Во суштина доколку немаме финансиска самодисциплина, тогаш мора да има некој што ќе ја одржува. Во нашиот систем тоа се извршителите. Од друга страна треба да се чуе и вистината на тие што ги ангажираат, а веројатно дека тие се задоволни од нивната работа.
Во нашиот систем има 98 овластени извршители распоредени на 11 територијални единици односно региони. Секако и логично најбројни се извршителите во Скопје. Од овие извршители лани дури 17 оствариле приходи од 200.000 евра или повеќе. Очигледно дека нивните услуги се барани и потребни.
Меѓу нив петмина лани имале добивки поголеми од 120.000 евра. Ова го поставува прашањето дали нивните награди се предмет на ревизија затоа што овозможуваат генерирање на значајни профити кои се навистини солидни за толку мали деловни субјекти.
Системот во кој наплатата на судски пресуди и други извршни исправи ја вршат извршители е востановен во 2005 година со носење на Законот за извршители, а неговата примена започна во мај 2006 година.
Извршителите се организирани во Комора на извршители, а на нејзината веб страница има и огласи за продажба на подвижни предмети и на недвижен имот https://kirm.mk/?page_id=114