Македонија

Охриѓани собраа над еден тон облека и храна за социјално загрозените граѓани

Празниците не се само да се слават, туку и да се покаже солидарност со тие на коишти животот не им се насмевнал. Таква е иницијативата на хумани охриѓани и црквата Успение на Пресвета Богородица – Каменско, кои втора година по ред за Велигден ја реализираат акцијата „Од луѓе за луѓе“.

Годинава со помош на хумани поединци и компании тие собраа над еден тон најразлична облека, обувки и храна, која им се распределува на социјално загрозени категории граѓани кои не се во можност достоинствено да го празнуваат Велигден.

Станува збор за материјални добра, на некој му недостасува облека, некому мебел, некому техника којашто денес ја користиме секојдневно во домовите, а за жал има и такви на кои им е потребна храна. Потребите се од најразлични видови кај луѓето. Благодарение на тоа што ги посетуваме домовите за време на Велигденскиот пост ги согледуваме истите, а потоа во разговор со самите семејства ги утврдуваме, дејствуваме и тоа го даруваме. – изјави отец Димче Азески од храмот Успение на Пресвета Богородица – Каменско.

Црквата Успение на Пресвета Богородица помага на граѓаните од социјално загрозени семејства во текот на целата година, вели отец Димче, кога со материјални добра, кога со совети.

Гладен човек прво треба да се нахрани, за потоа да можеме да зборуваме, а тие зборови се суштински и имаат големо значење. Тие се на некој начин и поттик за нас дека навистина оној што има потреба, треба прво да ја задоволиме таа потреба, а потоа можеме на друг план да делуваме и на тој начин да помагаме и духовно човек да расте. – додава отец Димче Азески.

Дел од донираната храна и облека од Охрид ќе биде распределена и во други епархии низ земјата, каде исто така има потреба од помош, што според иницијаторите на акцијата ги отсликува големите социјални разлики во општеството.

За жал листата на луѓето кои немаат достојно да го одбележат овој христијански празник е поголема од година во година и затоа оваа акција преминува во традиционална. Велигден е голем христијански празник за сите луѓе без разлика на кој слој во општеството припаѓаат. Затоа им помагаме на нашите сограѓани со цел и тие достојно да го пречекаат овој голем празник. – вели Ана Чукалевска – волонтер и иницијатор на акцијата.

Според податоците на Црвениот крст Охрид, само во оваа општина бројот на социјално загрозени семејства, на кои постојано им е потребна помош, изнесува помеѓу 600 и 700.

Г.М. за ohridnews.com

Поврзани вести

Back to top button