БизнисМакедонија

Од утре можно е да нема леб, пекарите најавија прекин на производството

Од 1 март цената на белиот и на полубелиот леб ќе биде замрзната на најмногу 33 денари. Ваква ригорозна мерка Владата ја донесе бидејќи како што велат цените на струјата не се намалуваат и покрај тоа што на производителите им се овозможило да користат субвенционирана струја.

Поради ова пекарите најавија затворање на погоните и прекин на производството на леб првиот ден по објавата на одлуката за замрзнување на цената на лебот во Службен весник.

Ова го соопшти Горан Малишиќ, претседател на групација за мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија по денешната средба на членките на групацијата на која како што беше потенцирано едногласно била донесена одлуката за престанок со работа.

– На пазарот веќе имаме производи со постоечки цени од 33 до 35 денари, зависно која категорија. Веќе има леб по тие цени. Пекарската индустрија денеска на состанокот на кој беа присутни 32 индустриски пекари од цела земја, плус од мали градови, сите се согласија дека не се сложуваат со мерката за замрзнување, која ќе ги однесе до работа со загуби. Од сите, едногласно, беше донесена одлука, дента кога ќе излезе одлуката за замрзнување на цената на лебот во Службен весник, другиот ден пекарската индустрија ќе престане да произведува леб, посочи Малишиќ.

Тој објаснуваше дека секоја компанија има свои пресметки, свои влезни трошоци во производството на леб, и посочи дека никој не ги тера граѓаните да купуваат лебови кои се поскапи и дека тие имаат избор да купуваат леб согласно можностите.

Со оваа одлука се прави штета на бизнисот, не се гледа целата слика туку само одредени цени. Не сме против за мерката, ако владата ја донесе мерката, од наредниот ден нема да се носи леб на пазарот. Има модел како владата да направи социјална цена за лебот, за да се задоволат потребите на населението треба да се фатите за џеб,  потенцира Малишиќ.

Малишиќ како пример кога владата помага ја спомена Србија каде што владата субвенционира 30 проценти од цената на брашното.

Пекарите појаснуваа дека во вкупна цена на леб најголем трошок кој опфаќа од 40-45 се трошоци за брашно, потоа околу 35 проценти се трошоци за работна рака, а останати за други трошоци како пакување, нафта, други енергенси. Посочуваат дека поради одливот на кадар има голем недостиг од кадар, поради што и платите во секторот нагло растат. Според нив, просечна плата кај пекарите е 600 евра, но има такви кои се платени и по илјада евра месечно.

Поврзани вести

Back to top button