Новинар даде отказ поради избришан текст за Иловица
Текстот во онлајн-изданието на „Слободен печат“ дека владата „полутајно“ дозволила спојување концесии за рудник во Струмичко – стана целосна тајна. Редакцијата го повлекла, па иако линкови сѐ уште може да се најдат на пребарувачите и на социјалните мрежи, зад нив стои само пораката „оваа страница не постои“, објави ПРИЗМА.МК.
„Дадов моментален отказ“, рече, за БИРН, новинарот што го објави текстот, Жарко Настоски, кој речиси две години беше дел од таа редакција.
Тој додаде дека бришењето му го објасниле со тоа дека „се договориле да не се објавуваат непроверени информации“ за рудниците во Струмичко, „Еколог“ и владата.
Уредничката на „Слободен печат“, Валентина Ангеловска, за БИРН не сакаше да даде подетално образложение за повлекувањето на содржините.
„Не можам ништо да ви кажам, тоа е одлука и политика на компанијата“, рече таа во кусиот телефонски разговор.
Темата за можното реактивирање на проектите за рудници во југоистокот на земјата против кои имаше големи протести и кои се стопираа по последната промена на власта, се реактуализираше од декември минатата година, кога Вишиот управен суд ја прифати жалбата на концесионерот Еуромакс Рисорсис против владината одлука еднострано да се раскине договорот за концесија. Оттогаш оваа приказна стана „жешка“ во медиумите, особено откако се дозна дека во меѓувреме познатиот бизнисмен Назиф Дестани од Тетово, основачот на фирмата „Еколог“, станал акционер во Еуромакс Рисорсис.
Редакцијата на „Слободен печат“ го следеше развојот на оваа ситуација исто како и други медиуми, но неодамна повлекла дел од текстовите. Освен текстот што Настоски го објави на 5, на пребарувачот Гугл може да се најде уште еден текст од истиот медиум поврзан со оваа тема, но со мртов линк, насловен „Управниот суд ги укинува пречките, „Еколог“ на Назиф Дестани на чекор до отворање на рудникот Иловица“.